Сакаат нивната вистина да биде и наша, тоа не е можно, рече легендарниот спортски коментатор, Атанас Костовски, кој денеска им се обрати на граѓаните за време на протестот пред Македонската радио телевизија, мислејќи на новинарите кои работат во јавниот сервис.
На помладите колеги во МРТ тој им порача дека доаѓа време на промени и на многу нови емисии, без наслов, но со повод. Костовски работел 37 години во Македонската радио телевизија и учествувал во првиот дневник на македонски јазик во 1964 година.
Тој се потсети на времињата кога јавниот сервис навистина им служел на граѓаните.
Во 1991 година, рече тој, за време на протестите пред МРТ предизвикани од расправите за промена на знамето, тогашниот генерален директор, Тихомир Илиевски, повикал во емисија 13 претставници на демонстрантите кои дебатирале пред јавноста за нивните барања.
– Целокупната македонска јавност виде што се случуваше. Тогаш МРТ беше јавен сервис, граѓаните почувствуваа дека е нивна телевизија. Во овој март се наоѓаме од прилика во иста ситуација, со таа разлика што јас сум надвор, а они се внатре. Сакаат нивната вистина да биде и наша, тоа не е можно, не е професионално, не е во согласност со статусот што го пишуваа. Пролетта доаѓа, промените ќе дојдат – рече Костовски.
Тој побара генералот Стојанче Агелов да гостува во емисијата „Акцент“ на Стојан Трпчески на МРТ, затоа што со дебата, рече тој, а не со окупација се освојува МРТ.