Активисти на граѓанската иницијатива „АРСЕНА“ синоќа во село Моин ја спроведоа третата акција за донирање вода на социјално загрозени семејства, лица со ниски примања, пензионери и невработени. Ова со цел подигање на јавната свест за користење здрава вода и воедно потсетување на локалните власти дека и после сите изјави за копањето нови бунари, проблемот со водоснабдувањето на Гевгелија уште не е решен, а што е најтрагично ниту се работи на изнаоѓање на некакво решение.
Граѓаните на село Моин живеат веднаш до бунарите за вода со кои се снабдува Гевгелија и населените места, оние кои што Државната Агенција за храна и вода ги забрани за употреба уште на 23 септември 2012 година. Се пожалија дека иако бунарите се до нив, тие не добиваат чиста вода.
– „Снаа ми слушнала на работа дека во водата има арсен. Земав да ја извријам водата во тенџере. На дното од тенџерето остана два прста талог од песок. Тоа е страмота каква вода пиеме, се пожали жителка на Моин.
– Јас сум земјоделец, немам работа, ниту доволно години стаж за да се стекнам со пензија, ниту примам некоја социјална помош. Со жена ми работиме за да преживееме. Пари за чиста вода да купиме немаме, се пожали жител на Моин. Неговата жена аргатува по туѓи ниви за да заработи и вели пијат вода од чешма кога немаат друг избор, ниту средства за да купат здрава вода.
Селото Моин има околу 70 куќи и околу 300 жители. Невработеноста царува, а земјоделството се помалку е застапено поради нерешеното прашање со наводнувањето на посевите. Оваа власт ја стопира изградбата на Сарандарска брана, а не најдоа ниту 2.000 евра за да се изгради цевковод до полето за наводнување.
– „Греота е тоа што го прави оваа власт со водата. Пропаѓаат нивите, а пропаѓа и здравјето на народот, оти вода никој не купува, зошто немаат доволно средства за живот“, изјави жител на Моин.
Претставници на месната самоурава се пожалија дека неколку пати и како делегација и како граѓани побарале прием кај градоначалникот на Општина за да се пожалат за водата и да побараат решение, но не биле примени на разговор.
– Ако не добиваме чиста вода тогаш нема да ја плаќаме. Еве јас не ги плаќам сметките за вода. Штом е водата нечиста како да им ја платам. Живееме со една пензија од 7.500 денари и немаме пари за трошење.
Активистите на „АРСЕНА“ ги потсетија граѓаните дека акцијата ја прават за да ги информираат за присуството на арсенот и штетите што ги предизвикува врз човековиот организам после подолгорочна изложеност, заради потребата од самозаштита, бидејќи општината со новиот план за капитални инвестирања за 2015 година, наместо изнаоѓање на нови извори и копање бунари за вода, како приоритетна точка ја стави изградбата на нов градски плоштад.
– Водата е најважна, а не новите плочки на градскиот плоштад. Еве јас сум пензионер. Имам 80 години и мала пензија од 6.000 денари. Сета ќе ја дадам за да се реши проблемот со водата оти тој е најважен, ако не за мене, за дечињата, ја охрабри малата екипа на „АРСЕНА“ постар жител на ова подпланинско село.
Моинчани се згрозени од состојбата со бунарите. Велат не само водата што не е чиста, полна со песок и арсен, туку и самите бунари се физички нечисти. Никој не ги исчистил со години. Тоа е гадно. Подобра вода имавме од Бела чешма која ја запреа, па не’ вклучија на градскиот водовод.
Активистите на арсена во Моин поделија 300 литри вода на социјално загрозени семејства. Досега со трите спроведени акции поделени се 850 литри вода на семејства со ниски лични примања, невработени, самохрани мајки, болни и немоќни лица.
Акцијата се спроведува во рамките на проектот „Граѓаните и Арсена – до здрава вода за Гевгелија“ и има за цел да ја подигне јавната свест за сериозноста на присуството на арсенот во градскиот водовод, и да иницира решавање од надлежните локални власти. Целиот проект се изведува со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија.