(ВИДЕО) Апелација смета дека со 18-месеци затвор ќе го превоспита возачот кој прегази и усмрти пешак во Битола

Од:

И битолска Апелација смета дека се доволни година и половина затвор како санкција за возачот што го прегази битолчанецот Оливер Петровски, а кој загина како последица на сообраќајката. За семејството првостепената пресуда беше срамна, но не и за второстепените судии. Тие сметаат дека нема зошто да се изрече построга казна за возачот. 25-годишниот битолчанец кој управувал електричен тротинет беше прегазен во јули 2020 година додека одел на работа, каде никогаш не стигна.

„Не постојат објективни околности поради кои би изрекле построга казна затвор. Апелациониот суд-Битола смета дека донесената одлука за видот и висината на кривичната санкција во конкретниов случај е соодветна, правилно е одмерена и оправдано се очекува дека со истата ќе се остварат целите на казнувањето“, се вели меѓудругото во пресудата.

Судијката Љиљана Чочковска навела и кои отежителни и олеснителни околности се ценети за одмерување на казната. Од пресудата може да се види дека не е наведена, а со тоа не е ниту ценета, смртната последица која настанала, а која влијае за судиите да изречат построга казна. Наспроти ова, ценела дека покојниот битолчанец имал вина што бил прегазен.

„Од редот на отежнувачките околности биле ценети степенот на кривичната одговорност на обвинетиот, зачестеноста на ваквиот вид на кривични дела, околностите под кои е сторено кривичното дело“, стои во делот поради кои судот досудува построга казна, а потоа се додава: „Како олеснителни околности се ценети тоа што обвинетиот млад човек не е осудуван до сега и не се води друга постапка против него, како и придонесот во случувањето во сообраќајната незгода на оштетениот“ за одмерувањето на поблага казна.

Од четири вештачења, кои биле контрадикторни едни на други, Апелација го цени само супервештачењето каде одговорноста за сообраќајката е поделена како кај возачот кој претекнувал возило и удрил во Оливер, така и кај Оливер кој поминувал улица.

„Од супер вештачењето, јасно произлегува дека со неправилните, крајно небезбедни одлуки и дејствија на обвинетиот и починатиот, не само што ги прекршиле сообраќајно-техничките правила, туку и ја нарушиле сообраќајната рамнотежа, воопшто не водејќи сметка за сообраќајната ситуација околу себе“, се додава во пресудата.

Возачот пак, кој го прегази и усмрти, барал условна осуда или помала казна затвор. Барал и да му се врати патната исправа за да може да преминува граница, но за ова го препратиле да достави барање до Основниот суд во Битола.

Семејството на загинатиот битолчанец Оливер Петровски бараа правда за неговата смрт и преку протест. Сметаа дека загинатиот нема никаква вина. Се надеваа дека Апелација правилно ќе ја утврди фактичката состојба.

Бојан Петровски, брат на загинатиот за „А1он“ посочи: „Боли што кражба на ќебапи е поценета од смртта на брат ми“.

За прегазувањето на 25-годишниот битолчанец кој управувал електричен тротинет, обвинетиот 21-годишен возач на „Фолксваген туран“ доби казна затвор од 18 месеци. Сега таа казна се потврди. За семејството за трагично загинатиот Оли Петровски кој тргна, но не стигна на работа, казната е ниска. Неговиот брат Бојан Петровски посочи дека државата го убила Оли по вторпат.

Би можело да ве интересира

Возач загина на стариот пат Ѓавато-Тополчани

Учесник во сообраќајка побегна од местото на несреќата, полицијата го приведе

А1он

Тешка сообраќајна несреќа во Струмица, повредени неколку лица

А1он

Тешко повредена малолетна девојка во сообраќајна несреќа меѓу тротинет и автомобил

А1он

Претреси во Битола, приведени двајца дилери, пронајдена дрога

А1он

Сообраќајна несреќа на експресниот пат Штип-Радовиш, повредена 21 годишна девојка

Предраг Петровиќ