„Анима мунди“ бара да се најде решение за мечето што во потрага по храна се спуштило кај електраната „Козјак“ и повторно да се врати во дивината, каде што ќе се контролира неговото движење. Според здружението, станува збор за мече за кое пред неколку дена биле телефонски контактирани од лица што од нив побарале дозвола за да чуваат мало мече во урбана средина. Тие рекле дека го пронашле мечето кога било премногу малечко за да преживее само и го зеле со цел да помогнат.
„Ваквите обиди за помош во иднина целосно ги обесхрабруваме затоа што дивината во младенчето и неговиот инстинкт за да преживее е уништен. Нашиот обид за да помогнеме беше залуден затоа што уште наредниот ден ни кажаа дека младенчето е однесено назад во дивината. Не сакаа да ни откријат точна локација. Затоа се јавивме во Ловниот инспекторат, како и АХВ, кои ни излегуваат целосно во пресрет и ни даваат целосна поддршка за заеднички да најдеме решение како младенчето повторно да се врати во дивината – се надеваме дека тоа ќе биде најбргу што може и ќе го обележиме со цел да се контролира неговото движење“, информираат од здружението.
За судбината на мечето во „Анима мунди“ дознале кога вчера беа споделени информација и фотографии, по кои се лоцира младенчето, кое во потрага по храна се спуштило кај електраната „Козјак“. „Земајќи го предвид искуството на Хрватска и мечките што живеат во близина на луѓето, одговорно тврдиме дека е возможно ова младенче да се адаптира и да живее нормален живот во дивината. Со цел да го задржиме на нашата територија, а воедно и да ги вратиме дивината и инстинктот во медо, апелираме до целата јавност да избегнувате секаков директен допир со младенчето“, велат од здружението.
„Не хранете го од рака. Под ова не подразбираме воопшто да не се обезбедува храна за младенчето, напротив. Премногу е мало за да знае само како да дојде до храна, а ги прескокнало основните лекции во животот од мајка си како да ја најде. Затоа можеме сите да го научиме како да дојде до храна, само со наша мала дисциплина. За ова ни сте потребни сите планинари, бајкери, алпинисти и рекреативци. Секоја храна што ја имате и ви е наменета за него – закопајте ја подалеку од места каде што се движат луѓе, а сепак блиску за да ја најде, во длабочина од 5 до 10 сантими. Имаат неверојатно сетило за мирис. Мечките се хранат и со одредени корења од растенија, на тој начин го учите да ја откопува храната. Можете да ја скриете во грмушка. Најдобра опција за грмушка ви е некое растение што дава плодови, на пример, малина, капина…“, апелираат од здружението. Според нив, на територија на земјава останати се 160-200 мечки. Бројот е премногу мал и да не дозволиме да изгубиме една драгоцена и прекрасна единка.