Стојанче Ангелов смета дека богатењето на маката на бегалците не е во ред и дека тоа го осудува политичката партија Достоинство.
-Ние сметаме дека бегалците треба да имаат хуман третман додека се во Македонија. Злоупотребата на нивната мака од одредени поединци или компании кои што им наплаќаат повеќекратни пари за превоз, за храна, вода, за полнење на мобилни телефони ја осудуваме. Ваквото богатење на маката на овие кутри луѓе кои што бегаат не е во ред и го осудуваме. Но факт е дека помеѓу бегалците има многу повеќе мажи, безмалку најголемиот дел се мажи во најздравите години кои што многу покорисни ќе бидат ако останат да се борат во нивните држави, рече Ангелов.
Тој кажа дека Достоинство го поддржува ставањето на жичана ограда на границата со Грција.
-Оваа ограда не ги загрозува правата на бегалците туку го контролира нивниот влез, рече Стојанче Ангелов. Според него, трупањето на бегалците претставува ризик за државата, како од економски, така и од безбедносни причини.
– Како политичка партија сметаме дека во Македонија смеат да влезат онолку бегалци колку што ќе ја напуштат Македонија на север кон Србија. Било какво трупање на овие бегалци во Македонија може да претставува повеќекратен ризик за државата, пред се од економски причини, а потоа и од безбедносни причини, рече Ангелов.
Според него, голем дел од бегалците се економски бегалци кои што не се реални бегалци од ужасите на војните.
– Постапката која што ја започнаа српските власти со селекција на бегалците, а исто така мислам дека од денес е започната и во Македонија е во ред бидејќи во мигрантите има и економски бегалци кои што не се реални бегалци од воените жаришта и тие не треба да ја злоупотребуваат маката на вистинските бегалци кои што бегаат од ужасите на војната, вели Ангелов.
Александар Тодески