Вистинскиот проблем поврзан со Избирачкиот список и со комплетниот систем на менаџирање со податоците на граѓаните е нефункционален, застарен и подложен на измами, рече извршниот директор на асоцијацијата МОСТ, Дарко Алексовски на денешната дебата „Прочистен Избирачки список (не)возможна мисија“
– Тоа значи дека сите оние бази кои стигнаа до Државната изборна комисија на база на договорот од Пржино, наравоучението е дека ниту една база не можеше да се најде компатибилна за да може да се вкрстат и проверат податоците. Тоа значи дека имаме нефункционален систем на водење на бази, не само во делот на банкарство, не во делот на здравствена заштита, не само во делот на пензиски фондови, која база и да ја земеме предвид истата мораше да биде преработувана, нормализирана, податоците валидизирани на што се изгуби речиси еден месец. Вистинскиот проблем е дека не постои систем кој што унифицирано ќе ги обработува и чува податоците за секој граѓанин од каде што ќе може да се прави екстракт на оние граѓани кои што имаат право на глас. Се друго се средува, се прави во закон, може да се обработи и сработи на база на договри и база на најдобри практики, рече Алексовски.
Според Џабир Дерала од ЦИВИЛ, фрапантни се податоците до кои дошле во изминатите месеци во обидот да се легитимира Државната изборна комисија.
– Државата во Република Македонија користејќи ги своите инструменти и сите останати полуги во изминативе години направи сериозни дејствија кои избирачкиот список го сведоа на еден алваџиски тефтер кој може лесно да се злоупотреби и со него да се манипулира волјата на гласачите во Република Македонија. Ние зборуваме за многу сериозни системски интервенции во кои има сериозни кривични дела. Впрочем, како што знае и јавноста, дел од тие кривични дела сега се предмет на работата на СЈО, рече Дерала.
Поранешниор директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски вели дека е неприфатливо тоа што со години не се заведуваат починатите лица.
– Со години да не вршите промена на адреси, улици, куќни броеви е непрефиталиво. Тоа го покажаа административната и теренската проверка, вели Герасимовски.