(ВИДЕО) 85 невладини им дадоа писмо на Бејли и Орав: Бојкотот е последно решение за валканиот план и беззаконието на владејачката партија

Од:

Претставници на 85 граѓански организации од Македонија денекса на амбасадорите на САД, Џес Бејли и на ЕУ во Македонија, Аиво Орав му предадоа писмо со барање за да се свика повторно Собранието, а претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција и да си поднесе оставка. Меѓународната заедница да помогне за почитување на договорот од Пржино, реформските приоритети од извештајот на Прибе, враќање на демократијата и одржување на кредибилни избори во Македонија.

– Очекуваме да ги препознаат и да ги прифатат аргументите на граѓанското општество. Македонија застрани од патот на демократијата и единствен начин да се врати е да работиме на исполнувањето на итните реформски приоритети и препораките од Извештајот на Прибе. Останати се најголемиот број од задачите за исполнување: прочистувањето на Избирачкиот список, спречувањето на секаков вид на заплашување или притисоци врз гласачите. Не е доволен „извесен“ прогрес, потребно е да има сеопфатен прогрес, сеопфатни реформи за да обезбедиме кредибилни избори. Потребни се реформи и во другите сфери: деполитизирање на јавната администрација, владеење на правото почитување на темелните права, обезбедување на слободата на медиумите и изразувањето. Наша одговорност е кажеме дека напредокот што го бараме е невозможно да се обезбеди до 5 јуни. Од 24 февруари до денес забележавме препуштање на работите и на елементарните точки од договорот од Пржино од страна на меѓународната заедница. Повеќе нема меѓународно посредништво, нема преговори во работните групи, има назадување во сите реформски приоритети, рече Андреј Стојковски МЦЕО.

Невладините констатираат дека „владејачката партија спроведува валкан план за целосно поништување на Договорот од Пржино, но и за темелно подривање на правниот и политичкиот систем на Република Македонија со само една цел – неказнето да продолжат да владеат во беззаконие“.

Последните контроверзни одлуки на Апелациониот и на Кривичниот суд што се однесуваат на започнатите истраги на СЈО укажуваат на висок степен на зависност на судството од интересите на владејачките структури и привилегиран третман на осомничените за изборен криминал.

– Постојаните опструкции на работата на Специјалното обвинителство претставуваат упад во неговата независност во истражувањето и гонењето кривични дела поврзани и произлезени од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Секојдневното попречување на работата на Специјалното јавно обвинителство, проследено со невидена медиумска хајка, оневозможи брза и ефикасна истрага за укажувањата за криминал, констатирани во Извештајот на Прибе, рече Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

Во светло на општата аболиција од претседателот Иванов од 12 април, сметаме дека е неопходно итно повлекување на оваа одлука и поднесување на оставка од страна на Ѓорѓе Иванов, претседател на Република Македонија. Исто така, очекуваме повторно свикување на Собранието на Република Македонија и негова одлука за одложување на изборите на 5 јуни на неопределено време и ангажман за составување преодна влада која ќе ги спроведе потребните реформи пред одржувањето на кои било следни избори.

– Влошувањето на политичката криза поради неисполнувањето на реформските приоритети длабоко нѐ загрижува и ние сме убедени дека инсистирањето на 5 јуни како датум за одржување на предвремените избори ќе придонесе за нејзино драматично продлабочување и оддалечување на Република Македонија од ЕУ. Затоа бараме од Вас да ја реафирмирате неопходноста од исполнување на итните реформски приоритети како предуслов за утврдување датум на избори. Без исполнувањето на условите за слободни, фер и демократски избори, што подразбира нужно одложување на постојниот датум, ние како граѓански организации немаме друга опција освен да повикаме на бојкот на изборите доколку бидат распишани за 5 јуни и на протести против режимот кој продолжува да ги гази демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија, рече Рамадан Рамадани.

Амбасадорот Орав излезе пред седиштето на ЕУ во Скопје, придружуван од амбасадорот Бејли и таму им беше предадено писмото од граѓанските организации.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Меѓународниот ден на трудот одбележан со првомајски протест и барања упатени до новата влада

А1он

Трендафилов: Сакаат да го конфискуваат Работничкиот дом за да го уништат синдикалното движење

А1он

Првомајскиот протест ќе биде со барања упатени до новата влада

А1он

Претседателскиот кандидат Џил Стајн е уапсена на протест против војната во Газа

Потпишување анекс на Колективниот договор веднаш по формирањето на новата влада, бараат здравствените работници

Орце Костов

Протест за измени на законот за заедничко старателство по развод