ВИДЕО: 1.500 семејства гладуваат во Струмичко, социјалната служба како на модна писта

Од:

Бројката на социјално загрозените семејства во Република Македонија, кои преживуваат без никакви примања, од ден на ден сѐ повеќе се зголемува.

Овој поразителен факт е најизразен во источниот дел на државата, особено во Струмичкиот Регион, каде што, според Црвениот крст – Струмица, во моментот има речиси 1.500 семејства од оваа ранлива категорија. Но, и покрај оваа загрижувачка бројка, социјалните служби ги нема никаде. Новата владина гарнитура, идентично како и претходната, не презема никакви мерки за намалување на социјалните случаи.

Екипата на „А1он“ и „Макфакс“ стапи во контакт со директорот на Меѓуопштинската социјална служба во Струмица, Зоран Манев, со цел да добиеме одговор на прашањето која е причината за енормниот број социјални случаи во Струмичкиот Регион и зошто не се презема ништо во врска со тоа, но тој дрско ни одговори дека не може да се сретне со нас поради „набиената агенда“ по што ни ја спушти слушалката. Поради пасивноста на Меѓуопштинската социјална служба во Струмица, на овие 1.500 социјално загрозени семејства единствена надеж им остануваат Црвениот крст и евентуално локалните самоуправи, кои немаат толку големи капацитети сами да ги згрижат социјалните случаи. Секретарот на Црвениот крст – Струмица, Љубчо Јанков, за „А1он“ и „Макфакс“ вели дека социјални случаи од секогаш имало во Струмичкиот Регион, а главна причина за тоа е економската состојба во државата, миграциите на населението од селата во град и обратно, невработеноста, недоволно образованото население и уште многу други фактори што влијаат на населението.

– Ние како Црвен крст им помагаме со сите наши капацитети, храна, хигиенски средства, облека, покуќнина или некаков друг вид помош. Колку што можеме, им помагаме на социјално загрозените семејства во борбата за егзистенција – вели Јанков.

Тој не сакаше да ја коментира соработката со социјалните служби во Струмица, но истакна дека имаат поддршка од локалните самоуправи и невладините организации. Верица Ангелова-Златанова, соработник за јавни дејности во Општина Ново Село, вели дека Општината колку што е во можност им помага на социјалните случаи со храна, облека, хигиенски средства и парична помош, која се одобрува од страна на Советот на Општината по претходно поднесени барања од граѓаните.

– Во Ново Село се појавија повеќе вакви социјално загрозени семејства и за да не ги решаваме систематски, по иницијатива на градоначалникот Советот донесе одлука за отворање донаторска сметка на која сите заинтересирани правни и физички лица ќе може да донираат средства за решавање на проблемите на социјалните случаи – рече Ангелова-Златанова додавајќи дека Центарот за социјални работи треба поактивно да се вклучи во решавање на социјалните случаи.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Тепачка во Струмица, еден маж користел секира, полицијата уапси еден од насилниците, вториот е во бегство

13 години од големиот пожар над Струмица во кој загинаа четири лица

Почина човек во изгорен стан во зграда во Струмица

А1он

ВМРО-ДПМНЕ: Изборот на Мартин Костовски за кандидат за градоначалник е доказ дека Заев сеуште владее со СДС

Запленети околу 100 килограми марихуана во Струмица, лишени од слобода три лица

АХВ лажела за водата во Струмица, Костадинов најави кривична пријава

Предраг Петровиќ