Вевчани денеска ги оживеа настаните и личностите кои ја одбележаа изминатата година. Преку бројните маски, на духовит и уникатен начин вевчанци покажаа дека умеат да се шегуваат.
Освен традиционалните Зет, Невеста и Глупавиот Август и годинава во Вевчани преку маска дојде и Субрата Рој, баба Рада, Јужен поток „Г’ез пром“, а дел од дефилето беа маските кои ги оживеаја студентските протести, работењето на „Македонија пат“, актуелните случувања во Франција, странските инвестиции во Македонија и уште многу други настани.
– Никој не ни се лути на овој ден. Ова е сатира на сето она што се случувало претходно. Гледате, денеска има само насмеани лица во Вевчани, а така ќе биде до утре кога ќе ги запалиме маските и ќе почнеме да размислуваме какви маски ќе работиме за следното издание, вели маскираниот војник-василичар Сашо.
Вевчани денеска го посетија неколку илјади гости кои уживаа во сатиричните приказни на василичарите. Екипа на светскиот сервис на Би Би Си денеска снимаше документарен филм за карневалската манифестација која започна на 9 јануари, со промоција на книги и уметнички изложби. Посетителите синоќа уживаа во музиката на „Суперхикс“ и хитовите на хрватската група „Прљаво казалиште“, а вечерва концерти ќе одржат македонскиот етно-состав „Љубојна“ и фолк пејачката Елена Велевска.
Вевчанскиот карневал којшто се смета дека опстојува над 1400 години ќе заврши утре со традиционалното палење на годинешните маски.