Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска се сретна со Весела Богдановиќ, одделенски наставник во ОУ „Кочо Рацин“ од село Ивањевци, општина Могила.
Богдановиќ влезе во изборот меѓу педесетте најдобри наставници, во конкуренција од илјадници просветни работници од повеќе од 150 земји од светот. Станува збор за избор кој го организира „Varkey gems fondation”, чиј претседавач е поранешниот американски претседател Бил Клинтон. Натпреварот меѓу најдобрите продолжува се до изборот на најдобриот наставник кој ќе ја освои титулата Global Teacher Prize, а со тоа и наградата од милион долари.
Според соопштението од Министерството за образование и наука, на средбата со Ристовски, Богдановиќ зборувала за своето искуство како наставник, како и за наставните методи кои ги применува за време на часовите, а кои се компатибилни со новите наставни програми и учебници изработени од Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ. Таа истакнала дека во текот на наставата користи интерактивни техники кои наликуваат на игра, преку кои учениците многу лесно ги совладуваат наставните содржини. Сето тоа е содржано во нејзините 200 едукативни филмови и работни листови, со кои наставничката од Могила конкурирала на изборот за најдобар наставник во светот.
– Ристовски истакна дека Богдановиќ е пример кој треба да го следат и другите наставници во нашата држава. Таа е доказ дека и во нашата земја има креативни наставници, кои со љубов ја работат својата работа и кои безрезервно се посветуваат на образованието и воспитанието на своите ученици. Заменик министерот за образование и наука и се заблагодари на наставничката Богдановиќ што ја претставува нашата држава на најдобар начин, посакувајќи и успех во понатамошното натпреварување, се вели во соопштението од МОН.