Четирисет и четири годишниот жител на тетовското село Брвеница Борче Николовски го загуби животот откако на него налетал Мерцедес со тетовски регистарски таблички управуван од М.В.(22) жител на тетовското село Жеровјане, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Според неговите првични информации, сообраќајката се случила денеска околу 14 часот на крстосницата од улиците „Кочо Рацин“ и „Браќа Стефановиќ“ во Брвеница при што Мерцедесот налетал и удрил во велосипедистот кој се здобил со тешки телесни повреди и веднаш бил однесен во тетовската клиничка болница, но лекарите таму само ја констатирале неговата смрт.
Според неофицијални информации од очевидци на настанот возачот не застанал и почнал да бега од местото на несреќата при што во тоа се обидел да го спречи М.Н. (31) од Брвеница но при тоа се здобил со полесни повреди бидејќи М.В. со Мерцедесот го продолжил патот и подоцна самиот се пријавил во полициското одделение во Жеровјане. Во мометот во Брвеница се врши увид на местото од сообраќајката од страна на полицијата, истражен судија и јавен обвинител, а возачот и автомобилот што учествувале во сообраќајката се обезбедени, рече Јосифовски.
Неофицијалните информации од очевидците на настанот кажуваат дека во Мерцедесот имало уште едно лице и оти најверојатна причина за сообраќајката е неприлагодена брзина. Ова е втора жртва на сообраќајна несреќа во тетовска од почетокот на оваа година откако во јануари пешак почина откако беше удрен од возило на улицата Илинденска во Тетово.