Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска имаше средба со членовите на набљудувачката мисија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, предводени од Специјалниот координатор на набљудувачката мисија, Кристин Мутонен, од Австрија.
На средбата, како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, Вељаноски изрази задоволство од првиот круг на претседателските избори кој помина во најдобар ред, без ниту еден инцидент, ниту пред, ниту на самиот ден на гласањето и воедно изрази уверување дека во иста атмосфера ќе помине и изборниот процес на 27. април.
Присутните беа запознаени со текот на усогласувањето и донесувањето на измените на Изборниот законик, прифатени и од власта и од опозицијата, односно донесени и имплементирани со консензус, како значаен предуслов за непречено одвивање на изборниот процес и прифаќање на резултатот, од сите субјекти вклучени во процесот, односно прифаќање на волјата на граѓаните иразена преку остварување на правото на глас.
Вељаноски, како што се наведува во соопштението, изрази изненаденост од изјавите на лидерот на опозицијата дадени на 13. април во однос на добиените резултати и најавите, деновиве, дека нема да го признаат резултатот ако не биде во нивна полза, особено имајќи во предвид дека опозицијата нема поднесено ниту една забелешка или приговор на изборниот процес до надлежните органи за спроведување на изборите во Република Македонија.
Вељаноски потенцира дека од особен интерес за Република Македонија е изборниот процес, поточно предвремените парламентарни избори и вториот круг од претседателските избори да поминат во демократска и фер атмосфера, по што без оглед каква ќе биде волјата на гласачите, по сумирањето на резултатите, политичка партија која добила помалку гласови од граѓаните да и честита на победничката партија, да го признае изборниот резултат и институциите да почнат непречено да функционираат.
Членовите на мисијата, се заблагодарија на поканата добиена од Вељаноски за набљудување на претседателските и на предвремените парламентарни избори. Тие воедно изразија задоволство од можноста да добијат прецизните и суштински информации и покажаа интерес за неколку прашања во врска со изборниот процес, излезноста на парламентарните, излезност на претседателските избори и го запознаа претседателот Вељаноски со форматот на нивната мисија, поточно со бројот на краткорочни набљудувачи и бројот на пратеници кои ќе го набљудуваат процесот.
Како што се наведува во соопштението, Мутонен изрази увереност дека мисијата соодветно ќе одговори на предизвикот, односно дека ќе ја покрие целата територија на Република Македонија на денот на гласањето и дека најобјективно и најсовесно ќе ја заврши својата задача.