СВР Велес поднесе кривична пријава против 20-годишната Н.Д. од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „детска проституција“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Велешанката е осомничена дека во периодот од 4 до 13 јули годинава, во повеќе наврати подведувала 15–годишно девојче да дава сексуални услуги на повеќе локации во Скопје и Велес.
Парите кои клиентите ги плаќале за сексуалните услуги на тинејџерката, Н.Д. ги задржувала за себе, велат од полицијата.
Девојчето на 13 јули го пријавило подведувањето, по што биле преземени мерки, соопшти МВР.
Според Кривичниот законик, за делото детска проституција е предвидена казна затвор од најмалку четири години, а доколку подведувањето е извршено под присила и со закани од физичко повредување на детето, предвидената казна е најмалку осум години затвор.