Уште 85 работници ќе бидат на улица за нова година. Честитката за нивниот отказ ја добиле работниците од странската инвестиција „Веибо“ во Крива Паланка. Отпуштените се претежно жени, нечии мајки, баби, самохрани родители. 85 македонски деца за нова година ќе ги гледаат мајките како плачат стравувајќи за сметки, храна, дрва, облека, основни потреби за живот!
Инаку Веибо е веќе добро позната во јавноста по мобингот, ниските плати, прекувремена работа, отпуштања на бремени жени. Но инспекторите спијат, институциите и министерството исто, па овие работници се оставени сами на себе, да се плашат за својата и егзистенцијата на нивните семејства. Лошите практики, законите, се е на страна на работодавачите, посебно кај странските инвеститори, па македонскиот работник е клекнат на колена, мизерува, понижен, исплашен.
За нив ќе биде пекол оваа зима да ја поминат крпејќи крај со крај. Господ нека им е напомош, оти Државата нема да помогне! И пак ќе слушаме за добрата економија, странските инвестиции и придобивките од нив и најбитно: Имајте трето дете за да трпите за леб, е напишано на Фејсбук страната “Гласно“.
Отворањето на „Веибо“ го најави Никола Груевски во 2014 година, како најголема фабрика за текстил во Европа со почетна инвестиција од 180 милиони евра и вкупна инвестиција од над 400 милиони евра.
Компанијата „Веибо груп“ ќе инвестира во технолошко-индустриската зона Ранковце и ќе стане главен работодавач во земјава, со 5.000 нови директни вработувања и уште 1.000 до 2.000 индиректни вработувања за жителите на општините од североисточниот регион, Крива Паланка, Ранковце, Кратово и Куманово, најави премиерот Никола Груевски на денешниот митинг во Крива Паланка, најавуваше тој и провладините медиуми.
Во фабриката беа вработени 600 лица,а според плановите на инвеститорите од пред повеќе од една година, до јуни годинава требаше да бидат вработени 1000 вработени лица. Наместо тоа, пред Нова Година, вработените ги шокираше веста дека остануваат без работа.