Настапувам со оригинална платформа која ја нема ниту еден кандидат, барем не сите прашања на едно место, рече претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска која денеска имаше средби со прилепчани во центарот на градот. Ванковска ги кажа своите ставови за клучните прашања – се залага за нов Устав, поништување на Договорот со Бугарија, ревидирање на Преспанскиот договор, излегување од НАТО и водење надворешна мултивекторска политика каде главно ќе биде економскиот интерес на Македонија.
-Не настапуваме со прашање дали Бугарите ќе бидат во Уставот, туку настапуваме со сосема нов устав, бидејќи овој продуцира нефункционилен политички и уставно-правен систем. Во план ни е раскинување на Договорот со Бугарија, а Преспанскиот договор, исто така, ќе биде предмет на преобмислување, односно на оспорување во периодот што следува. о петгодишен период ќе се случуваат многу болни и сериозни прашања. Она што мене ме дефинира како кандидат е постапката за излегување од НАТО, зашто, според мојата проценка, и како професор, и како човек во политичка функција, светот влегува во нова фаза на редефинирање на меѓународните односи, меѓународната безбедност и мислам дека на Македонија не и треба инвестирање во туѓи и империјални војни и, никако, ниту нашиот буџет, ниту нашите деца се за туѓи боишта, рече Ванковска.
Ванковска се залага за водење надворешна мултивекторска политика каде, како што рече главно ќе биде економскиот интерес на Македонија.
-Целото шпекулирање за меѓународниот фактор, е, всушност зборување за западниот фактор. Светот се менува. Станува збор за нужност од мултивекторска политика. Ниту да потпаѓа под влијанието на студената војна, нема да правиме наши и ваши, туку ќе отвораме порти, ќе создаваме пријателства ширум светот, особено по економска основа. Политиката ја тргаме настрана, во смисла каков устав да донесеме, какви договори да склучиме, какви билатерални односи да имаме со соседите. Сето тоа е наша работа. Но, мултивекторската политика ќе биде во економијата, во развојот и во она што најмногу ни треба – инвестициите, изјави Ванковска.
Според неа, телевизиските куќи и противкандидатите избегнуваат директни соочувања. Сите, вели Ванковска, треба да кажеме што мислиме за различни прашања, а незамисливо за една демократија е да нема мастер-дебата на претседателските кандидати.
-Таа мастер дебата ние ја прифативме без никакви условувања, за разлика од некои од големите партии. Како професор по политички науки сум шокирана дека сосема е неизвесно дали ние седуммина ќе се најдеме на едно место. А тоа е единствен начин да ги видат и слушнат ставовите на кандидатите. Ние сме принудени од пазари да испраќаме важни пораки за иднината на граѓаните. Тоа не доликува на една демократија. Медиумите бегаат и заобиколуваат. Големите „фаворити“ веќе се во фаворизирана положба. Се чини дека за медиумите како изборите да завршиле и само го чекаат вториот круг. Јас не се предавам, рече Билјаљна Ванковска во Прилеп при средбата со граѓаните.