Ванковска: Јавноста не го разбра зборот „иронија“, сега ми се закануваат со линч

Од:

Професорката Билјана Ванковска смета дека не направила недолична корелација со масакарот кај Карпалак од 2001 година и автобуската несреќа кај село Ласкарци пред неколку дена. Ванковска за „А1он“ вели дека единствено нешто што ги поврзува двата настана се смртта на луѓе од различна етничка припадност. Откако Ванковска го објави статусот „Каква трагедија и иронија: Карпалак!“, порака со закани добила и нејзината ќерка. За пораката, професорката вели: „На ќерка ми ѝ пратија заканувачка порака со фотографија на нејзиното синче, кое е пречкртано и на кое му се посакува смрт“. Ванковска смета дека не треба да се извини, освен ако некој од членовите на семејствата и жртвите нејзиниот статус не го сфатиле како атак на нив. Нејзината грешка ја гледа во тоа што го употребила изразот „иронија“, кој јавноста не го разбрала.

„Местата како Карпалак ги третираме како места на страдање и помен за загинатите, без оглед што биле во времето на војните или конфликтите. Значи, Карпалак е место на страдање веќе 18 години, но место кое е табуизирано и ставено под плаштот на заборавот. Единствена нишка што ги поврзува двата настана е што и тогаш и сега се соочивме со ужасна смрт на луѓе со различна етничка припадност. Заклучокот е: сите сме во ист автобус, ја делиме судбината. Јас можам само јавно да признаам дека требаше да бидам свесна дека на голем дел од јавноста понекогаш треба да ѝ се нацрта, дека не треба да употребувам изрази што се тешко разбирливи и подложни на различни манипулации. Грешката ја поправив, но велам, до овој момент, линчот не запира, ќе помисли човек дека јас сум одговорна за смртта на тие луѓе! Што вели една изрека, зборовите кои јас ги кажувам зборуваат за мене, она како ти ги интерпретираш“, смета Ванковска.

Таа додава дека нејзина грешка како професор е што употребила израз „иронија“ кој малкумина го разбираат, а тоа било искористено за нејзин јавен линч. Ванковска тврди дека медиумите први го почнале линчот, без лично да ја прашаат за значењето на зборовите. Таа во изминатите денови добила стотици закани, клевети, највулгарни напади.

„Кога го употребив зборот „иронија“ мислев на иронија на судбината, а тоа беше изедначено со потсмев/злорадост, а Карпалак – е место за кое не се зборува. Тоа е место на кое спомен-плоча на загинати луѓе не останува ни еден ден без да биде вандализирана. Мојата прва мисла беше – дали конечно ова кобно место на погибија ќе стане место на одавање почит за загинатите, место на кое заеднички ќе ги жалиме сите?“, додава професорката.

Ванковска во изминативе денови добивала закани дека, како што вели „ќе ја стават во ковчег“. Таа поднела пријава до МВР. За пријавата против неа што ја поднесе МВР, вели дека е жално што најавата во медиумите дошла од министерот Оливер Спасовски оти обвинителството е надлежно да утврди дали постојат индиции и докази па потоа да отвори постапка.

„Доколку се отвори постапка, ќе побарам и вештачење од респектирани лингвисти, писатели, професори по книжевност и слично, кои ќе треба пред судот да го елаборираат значењето на зборот „иронија“, и ако можат да погодат што сакала авторката да каже во трите зборови на „Фејсбук“. За медиумската хајката на којашто сум изложена веќе ги информирав странските колеги и новинари кои со мене комуницираат со години, како и претставници на релевантни меѓународни организации. Во реакциите со кои од наводна хуманост и сочувство сум нападната има повеќе говор на омраза од што било некогаш кажано или напишано од мене“, тврди Ванковска.

Кристијан Ландов

Би можело да ве интересира

Шеесет и деветгодишна жена е жртвата во синоќешната сообраќајна несреќа во Чаир

Велосипедист е тешко повреден во сообраќајка во Струмица

Горан Наумовски

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

Жена почина во сообраќајна несреќа во Чаир

Четворица повредени во сообраќајка на патот Куманово – Крива Паланка

Горан Наумовски

Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“

А1он