„Макфакс“ и „А1он“ и денес не добија дозвола да ги снимаат вакцините со погрешен датум складирани на депото на „Макдонијалек“. За да се расчисти дилемата во јавноста дали вакцините се со истечен рок или навистина, како што уверуваат надлежните, се со неистечен рок на траење, но со погрешно залепени декларации, во петокот побаравме увид во пакувањата што треба да бидат уништени. Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) Ќахил Ибраими, во петокот, не одобри снимање и изјави дека пристап до депото имаат само инспекторите од Агенцијата, а денес се огради од надлежноста врз запленетите вакцини со погрешен датум.
„Дилемата околу роковите е расчистена, рокот на дистрибуираните вакцини не е истечен, се работи за техника грешка во налепниците. Наместо одобрената налепница од МАЛМЕД, која кореспондира со податоците на пакувањето на вакцините, по грешка ‘Македонијалек’ залепила во одреден број на пакувања стари налепници. Доколку сакате лично да се уверите обратете се во ‘Македонијалек’ кадешто нашите инспектори фи скалирале вакцините со погрешна налепница“, изјави денес директорот Ибраими за „А1он“.
Од „Македонијалек“ денес, исто како и во петокот, велат дека се известени за барањето за снимање на вакцините, но не се јавија за да одобрат снимање.
Од Дрсила за „А1он“ изјавија дека вакцините со погрешен датум ќе стигнат на ред за уништување следната недела, поради дефектот на филтерот на печката за спалување медицински отпад.
„За дефектот поради кој не работи печката испративме допис до ‘Македонијалек’ во кој им укажавме дека дополнително ќе ги известиме кога ќе може да се уништат лековите. Очекуваме до следниот викенд дефектот да биде поправен и печката да почне со работа од понеделник кога ќе може да се уништат и вакцините“, рече Дијана Велјаноска од „Дрисла“.
Сомнежите за рокот на вакцината во јавноста ги подгреа Агенцијата по најавата дека и покрај неистечениот рок, вакцините ќе се уништуваат. Директорот Ибраими објасни дека уништувањето е согласно член 106, став 1 точка 5 од Законот за лекови, каде се вели дека лекот се смета за неисправен ако е повлечен од употреба од која било причина. Треба да се уништат 624 кутии на вакцини PIORIX (ПРИОРИКС) од производителот GlaxoSmithKline Biologicals S.A. – Ринсенсарт, Белгија.
Маја Илиевска-Пачемска