Вакцината на „Фајзер“ за заштита од вирусот Ковид–19 не смеат да ја примат лица кои досега имале алергиска реакција на која било друга вакцина или инјекција, велат од Министерството за здравство за „А1он“. Во пресрет на првите дози од вакцината на „Фајзер“ кои ќе бидат наменети за здравствените работници, од Министерството не одговорија прецизно на прашањето дали ќе изготват упатство за тоа кој не смее да ја прими вакцината, но набројаа кај кого вакцината може да предизвика контраиндикации.
„Како и за секој лек или вакцина постојат индикации и контраиндикации. Вакцината против Ковид – 19 треба да ја примаат лица над 16 годишна возраст. Контариндикации ќе има кај лица со историја на непосредна алергиска реакција на која било друга вакцина или парентерална терапија, акутна фербилна болест, лица кои примаат антикоагулантна терапија“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.
Досегашните истражувања покажале дека вакцината нема контраефект кај бремените жени, а според нашите здравсвени власти, од вакцината засега немаат потреба повеќе од 76.000 граѓани, излекувани од Ковид – 19.
„Лицата кои што го прележале Ковид-19 вирусот засега нема потреба да бидат вакцинирани“, велат од Министерството.
Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија вели дека треба да се прави голема разлика меѓу тоа кој не смее и кој не треба да ја прими вакцината.
„Не смее да ја прими вакцината секој кој имал докажана алергија кон која било компонента што ја содржи вакцината, исто како што важи за секој друг лек“, вели Беќаровски.
Тој пред два дена направи ранг – листа на досегашните вакцини. На првите три места ги стави кинеските вакцини, а вакцината на „Фајзер“ ја стави на последно место. Лекарот ја направи ранг – листата откако многумина го прашале како би ги рангирал постојните вакцини, кога би можел да бира со која да се вакцинира и зошто.
Иако многумина го делат ставот на Беќаровски, засега кај нас извесно е дека ќе стигне само вакцината на „Фајзер“ откако Србија најави дека ќе ни отстапи 8000 дози, а првите 5850 дози од вакцината преку Ковакс – системот се очекува да пристигнат на почетокот на февруари.