В сабота истекува вонредната состојба, засега нема најави за продолжување

Од:

Засега нема најава дали и кога би се одржала седница на Советот за безбедност со оглед на тоа што вонредната состојба, четврта по ред, истекува в сабота на 14 јуни. Дотогаш се очекува Владата да донесе став дали ќе побара продолжување на вонредната состојба, од што зависи и терминот за одржување на предвремените парламентарни избори.

Засега нема ниту најава за одржување на лидерска средба на која политичките партии би се усогласиле за датумот за одржување на вонредните парламентарни избори.

Вицепремиерката Мила Царовска вчера изјави дека се исцрпени сите потреби за продолжување на вонредната состојба. Според неа, веднаш по завршувањето на вонредната состојба, мора да продолжат подготовките за одржување на изборите кои според законските и уставните рокови треба да бидат на 5 јули.

Дали Владата ќе побара продолжување на вонредната состојба треба да се знае до петок. До тогаш треба да пристигне и мислењето на Комисијата за заразни болести за состојбата со пандемијата. Вицепремиерот Бујар Османи најави дека од тоа дали ќе има нова вонредна состојба и мислењето на Комисијата ќе бидат одлучувачки за датумот за одржување на изборите.

По прогласувањето на последната вонредна состојба на 30 мај претседателот Стево Пендаровски изјави дека, според неговите сознанија, пред да се случат новите трендови поврзани со пандемијата политичките партии биле блиску до договор за датум за избори, но оти поради развојот на ситуацијата и порастот на бројот на заболени и починати, разговорите се прекинати.

Оттогаш, никој официјално не потврди дали разговорите за усогласување на датумот за избори продолжиле или не. СДСМ останува на ставот дека изборите треба да се одржат на 5 јули, со цел државата да добие функционални институции. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак велат дека во услови на зголемен број заболени од КОВИД-19 не е во ред да се зборува за избори и оти за нив најважно е здравјето на граѓаните.

Последната, четврта, одлука за 14-дневна вонредна состојба претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност ја донесе на 30 мај.

Донесувањето на оваа одлука, рече, има за цел само да им овозможи на Владата и институциите ефикасно да се справуваат пред се со, како што рече, здравствените, но и економско-социјалните предизвици поврзани со кризата предизвикана од кононавирусот и не треба да се доведува во корелација со изборниот процес.

Претседателот Педаровски, почнувајќи од 18 март донесе три одлуки за прогласување вонредна состојба. Првите две во времетраење од по 30 дена, а последната од 14 дена.

Одлуките на шефот на државата за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено. Ако парламентарниот состав не беше распуштен, наместо претседателот Пендаровски, Собранието ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.

Првите две одлуки за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставност и законитост.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски