Граѓаните нема да ја почувствуваат разликата на цената на горивото со акциза зголемена за три денари по литар оти прво не возат поради ограничувањата, а второ цената на горивото во овој момент падна за многу повеќе од три денари споредено со периодот пред вонредната состојба, за да може да се почувствува разлика, вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов. Тој смета дека зголемувањето на цената на акцизата за три денари како антикризна мерка е оправдана, но истовремено и најевтина цена која граѓаните ќе ја платат за излез од економската криза.
„ Мерката колку и да е непопуларна, во овој момент е оправдана. На сите очите ни се вперени во Буџетот и бараме помош од таму, некој во него мора влева средства, да се полни за да може да помага. Оваа мерка е најисплатлива и најевтина цена што ќе ја платиме оти ако на пример држава земе кредит во овој момент за да помогне онаму каде што е неопходно, трошоците за отплата на кредитот за сите нас ќе бидат многу поскапи во однос на ова сега“, вели професорот Узунов.
Тој смета дека сите чинители на економијата на државата ако се свесни за состојбата во која се наоѓаме, нема да имаат забелешки за поскапувањето. За забелешките од транспортерите кои сметаат дека поскапувањето на акцизата директно ќе се одрази кај нив, Узунов има едноставен одговор.
„За транспортерите имам само едно прашање, дали тие ги намалија цените на услуги оној момент кога цената на нафтата почна да паѓа? Ако ги намалиле цените, сега се во право, може да се сметаат за оштетени и имаат образ да се бунат против поскапувањето, но тие не ги спуштија цените и повеќе од нефер е сега да се бунат за покачување од три денари на акцизата. Поскапувањето во моментов ќе го почувствуваат транспортерите и за нив може да се смета како зголемување на трошоците на производство, но кога ги правеле плановите за работа за годинава цената на бензинот што ја ставиле како инпут е за 20 денари повисока од оваа што е сега во моментов, што значи трошоците на инпутот се намалени и за нив работа по овие цени на горивото е правење екстра профит. Затоа сметам дека ваква одлука во овој момент е сосема фер “, вели професорот Узунов и нагласува дека никој не сака покачување на цени, но сите мора да сме свесни дека Буџетот мора да се полни од некаде.
Место да гледаме кој ќе биде оштетен од зголемувањето на цената на акцизата Узунов препорачува да гледаме на која популација и кому се може да му помогне една ваква мерка.
Уредбата за зголемување за три денари на акцизата за нафтените деривати Владата ја донесе денес. Иако Уредбата ја подготви Министерството за финансии, зголемувањето на акцизата го соопшти владиниот портпарол Муамет Хоџа. Тој објасни дека сите пари собрани од зголемената акциза ќе одат во антикризен фонд наменет за помош на стопанството и на граѓаните, а предложениот механизам овозможува и постепено враќање на постојните износи на акцизите во услови на нормализирање на цените на пазарот што се очекува тогаш кога ќе заврши состојбата предизвикана од здравствено – економската криза. Ако малопродажната цена се зголеми за 10 денари акцизата ќе се намали за еден денар, така ќе остане покачена само два денари. Ако малопродажната цена се зголеми за 20 денари, акцизата ќе се намали за три денари и ќе се врати цената која ја имаме во моментов.
За тврдењата дека зголемувањето на акцизата ќе се одрази негативно на цените и дека ќе трпи транспортната или другите дејности врзани со нафтените енергенси, портпаролот Хоџа рече дека се финансиски неоправдани и неосновани.
„ Во услови кога цената на нафтата е падната за 20 денари, зголемувањето на акцизата од три денари во услови на криза е оправдано и нема да се одрази на цените на транспортните услуги. Напротив, транспортните компании на почетокот на годината кога ги креирале своите финансиски планови не предвиделе ваков пад на цената на нафтата. Согласно тоа тие веќе остваруваат заштеди по основа на цените на нафтата кои ги плаќаат“, објасни портпаролот Хоџа.
Остра критика за зголемувањето на цената на акцизата на нафтените деривати стигна од опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Од партијата велат дека цената на нафтата секаде во светот паѓа, а само во Македонија се зголемува. Тие сметаат дека оштетени ќе бидат сите домаќинства што имаат возило или се греат на екстра-лесно масло, фирмите што користат погонски горива и чија дејност е поврзана со транспортот, како и земјоделците што во наредниот период треба да произведат храна за да ја прехранат нацијата.
ВМРО – ДПМНЕ ја обвини Владата дека ќе прибира пари од народот за да има пари за СЈО и за да има за привремени вработувања на партиски кадри.
„ Ние како партија не се согласуваме и апелираме да не се злоупотребува кризата за лукративни цели на власта. Со ваквата одлука се ризикува ценовен шок и растење на цените на други производи поврзани со цената на чинење на нафтата. Ова не е одлука за помош на стопанството, туку враќање на времињата на транзицијата“, рече Владо Мислајовски, потпретседател на ВМРО – ДПМНЕ.