Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања на денешната седницата ја заврши Проверката на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 55/2025).
Согласно гласањето на членовите на Комисијата, од пријавените 37 кандидати, поминаа 24, додека на 13 од пријавените кандидатурите им беа одбиени поради немање на комплетна документација која се бараше согласно условите на Јавниот конкурс.
Меѓу кандидатите кои се најдоа на утврдената листа доминираат дипломирани новинари, политиколози, дипломирани правници, но има и актери, музиколози, продуценти и еден електроинженер и доктор по економски науки.
Во групата на кандидатите кои отпаднаа затоа што не ја поднеле бараната документација се најдоа имињата на Јордан Плевнеш, магистер по филолошки науки и на др. Јета Старова Мехмети, доктор по културни студии.
Јавната расправа на која кандидатите ќе се претстават пред Комисијата за прашања на избори и именувања е закажана за понеделник во 12 часот, информира претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски.