Македонскиот ковид-пасош за патување во Грција ќе биде дигитален. Министерството за здравство веќе утврдило како тој ќе изгледа, откако минатата недела министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека зел обврска да ги утврди деталите и за нив да ја извести Грција, која најави дека од 14 мај, ја отвора границата за влез на Македонци со потврда за вакцинација или негативен тест за Ковид – 19.
„Дефиниран е сертификатот за Ковид 19 вакцинација. Граѓаните доколку имаат потреба ќе може да извадат сертификат за уредна вакцинација кој ќе биде дигитален, инаку потврдата што ја добиваат за вакцинација ќе биде доволен доказ за вакцинален статус во нашата земја“, велат од Министерстовото за здравство за „А1он“.
Од таму нагласуваат дека документот се уште не се нарекува ковид – пасош, туку сертификат затоа што Европската унија се уште официјално не вовела ковид – пасоши.
„ЕУ се уште има само предлог за ковид -пасош, кој не е усвоен. Нашата земја ги следи препораките на ЕУ и ќе се прилагодиме кон нивните препораки и насоки што ќе бидат дадени“, објаснуваат од Министерството за здравство.
Во дигиталниот пасош засега е дефинирано дека ќе се внесуваат личните податоци, датумите за прва и втора доза од примената вакцина со печат од пунктот на кој што е примена. Вакцинираните граѓани и сега добиваат картон на кој се заведуваат вакцините, а неофицијално, врз основа на тој картон граѓаните ќе можат да побараат дигитален ковид – пасош кој засега се размислува да се издава на пунктовите каде што граѓаните добиле вакцина или кај матичните лекари. „А1он“ дознава дека ковид – пасошот се планира да биде достапен за граѓаните на ист начин како што им е достапна годишната даночна пријава.
Се уште се работи на прецизирање на деталите за оние кои сакаат да патуваат со негативен ПЦР тест. Тој засега не е дел од ковид – пасошот оти во системот се внесуваат податоците само за позитивните тестови, а за негативните лабораториите немаат обврска да пријавуваат. Министерот Филипче на Грција треба да и достави и список на лаборатории чии анализи ќе се признаваат како документ за патување.
Сите земји од ЕУ бараат задолжителен негативен ПЦР тест за влез на нивна територија, а освен најавата од Грција, засега никој не бара задолжителна потврда од вакцинација.
Грција најави дека на 14 мај, за македонските граѓани ќе ги отвори граничните премини Дојран и Евзони.