Утре во Основниот суд Скопје 1 треба да почне судењето за предметот „Талир“ на специјалното јавно обвинителство за незаконското финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Обвинети се поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, бегалецот Никола Груевски, ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, која лани призна вина и доби условна казна.
СЈО тврди дека обвинетите незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во готовина, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на различни имиња. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари. Предметот ќе го суди судечки совет со кој ќе претседава Осман Шабани.
Никола Груевски е обвинет дека во периодот од 2009 година до 2015 година спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупцијата, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за ВМРО-ДПМНЕ.
Во овие свои активности му помагале обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски, кои, им вршеле притисок на претставници на правни лица, кои пак, имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како противуслуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.
Обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на ВМРО-ДПМНЕ, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и за купување недвижен имот за ВМРО-ДПМНЕ.
За предметот „Талир“ има уште едно обвинение за кое судот сè уште се нема произнесено дали е оценето обвинението, а се однесува на незаконска изградба на партиското седиште.
Васко Маглешов