Процесот на уставни измени согласно Договорот од Преспа по одржаните пет јавни дебати што ги организира Владата за четирите нацрт-амандмани влегуваат во финална фаза. Владата има обврска да достави Извештај до Собранието за јавните дебати и предлог-амандманите, по што согласно собранискиот Деловник, претседателот на Парламентот треба да ја закаже пленарната седница не порано од триесет дена. Во оваа фаза на уставните измени амандмани на нацрт-амандманите можат да поднесуваат и пратениците. Уставните амандмани ќе се сметаат за донесени доколку за нив гласаат 80 пратеници.
Претседателот на Собранието Талат Џафери веќе ги најави комисиската расправа за амандманите на Уставот за 17 декември, и пленарната седница на Собрането која треба најрано да биде закажана на 9 јануари идната година, а гласањето да се случи на 15 јануари.
– Владата има обврска да поднесе извештај до Собранието во однос на јавните расправи, како и предлог-амандмани кои ќе треба да се дебатираат во завршна фаза на пленарна седница. Согласно Деловникот, комисиската расправа ќе се случи на 17 декември на која ќе може да се предлагаат амандмани на предложените амандмани од страна на Владата. Со завршување на таа комисиска расправа која ќе тече според фазите што се предвидени во Деловникот, моите предвидувања се дека најрано на 9 јануари ќе се свика пленарна седница која треба да заврши на 15 јануари на која ќе се случи финално гласање на амандманите на Уставот, рече Џафери вчера на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Грамоз Ручи.
Во однос на изразената загриженост на лидерот на ДУИ Али Ахмети околу усвојувањето на уставните амандмани, Џафери смета дека тоа е веројатно, како што вели, апел за да се има внимание во постапувањето натаму за да не се иритира, односно провоцира ситуација која би била во спротивност со определбите за целосна имплементација на договорот од Преспа.
Премиерот Зоран Заев, пак, на вчерашната четврта по ред дебата за уставните измени, што се одржа во Штип, истакна дека уставните измени ќе и помогнат на државата да го остави минатото и да оди напред. Предложените амандмани го гарантираат правото на самоопределување, а јазикот останува македонски, потенцираше Заев. Посочи и дека Грција не подготвува анекс на Договорот во врска со јазикот, но повика на внимателност во реториката и во Грција и во Бугарија.
-Секој од нас треба да даде придонес и уверен сум дека вашите идеи исто така ќе дадат придонес, ова е шнаса, која треба да ја искористиме за да Македонија ни оди напред, кон ЕУ и НАТО, рече Заев.
Повтори дека доколку Грција не ги исполни своите обврски, односно не го усвои Договорот од Преспа и Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО, во тој случај нема да стапат во сила ниту уставните измени. Заев е оптимист и дека за гласање на уставните измени ќе го обезбедат потребното двотретинско мнозинство во Парламенот.
Маргарита Цаца Николовска, меѓународен судија во Босна и Херцеговина рече дека нема сомнеж дека Преспанскиот договор нуди подобра перспектива за Македонија. Смета дека уставната измена е потребна, предложи да се прифатат амандманите со кои се зајакнува македонскиот идентитет, а се согласува и со тоа Преспанскиот договор да стане уставна категорија, но не и да се споменува Уставот од 1991 година.
-Сметам дека во одредена ситуација посодветно или поопортуно, имајќи во предвид, целокупната содржина на Прогласот на првото заседание на АСНОМ е да се употреби терминологија, одлуки или акти на АСНОМ, кои се однесуваат за конституирање и удирање на темилите на македонската држава, без да се навлегува посебно во содржината на истите, вели Цаца Николовска
Универзитетскиот професор Ѓорѓи Спасов, пак рече дека четирите амнадмани се кратки и јасни и „кажуваат дека ништо важно и драматично не се менува во нашиот Устав“.
На петата и последна јавна дебата која исто така се одржа денеска, но на Државниот универзитет во Тетово, вицепремирката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи истакнаа дека какво било оптоварување на овој процес со други теми може да придонесе за негово незавршување во предвидениот рок, а со тоа и оддалечување од главаната цел – членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.
-Почнавме процес со цел да го решиме проблемот што ја блокираше Македонија од членство во НАТО и ЕУ. Единствен начин да го упропастиме тој процес е да почнеме да дискутираме за 10 други теми. И јас лично и ние внатре во Владата имаме идеи како важни одредби од Уставот да се направат подобри. Меѓутоа, дајте да се фокусираме на целта. Таа цел не обединува, таа е важна за сите и таа цел треба да ја завршиме оти половина решение не е решение, рече Шекеринска.
Османи рече дека би било политичка наивност да се преземат чекори што би го загрозиле зачленувањето во НАТО и ЕУ што е стратешки интерес не само на Албанците туку и на мнозинството граѓани во Македонија.
– Ние мора да го завршиме процесот на уставни измени до средината на јануари за да може потоа Преспанскиот договор да помине и во Грција пред изборите за Европскиот парламент во мај и парламентарните избори во Грција закажани за септември, бидејќи овој процес ќе нема втора шанса. Членството во НАТО и ЕУ со своите економски и политички придобивки не е само цел за себе туку пат да се трансформираме во европско општетсво и да ја донесеме Евроа кај нас, рече вицепремиерот Османи.
На трите претходно одржани јавни дебати во Скопје беа изнесени експертски предлози за подобрување на нацрт-амандманите, како и за надминување на уставната празнина во врска со потпишувањето на законите од страна на претседателот на државата.
Во оваа фаза на уставните измени амандмани на нацрт-амандманите можат да поднесуваат и пратениците. Имено, според Деловникот,текстот на предлогот на амандманите на Уставот со образложението и извештајот за резултатите од јавната дискусија, предлагачот, односно Владата во случајов, го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот. По исклучок амандмани на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот може да поднесе до заклучување на претресот само заради усогласување на текстот на предлогот на амандманите кои се измениле поради усвојување на некој амандман.
Комисијата за уставни прашања и Законодавно – правната комисија по текстот на предлогот на секој амандман на Уставот водат општ претрес и претрес по текстот, кој може да трае најмногу три работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и на Законодавно-правната комисија и пратеник во текот на општиот претрес и во претресот по текстот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути.
Претставникот на предлагачот во претресот, може да говори повеќе пати но не повеќе од 30 минути вкупно. По текстот на предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот кој може да трае најмногу три работни дена. Пратеник во текот на општиот претрес и во претресот по текстот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандмание на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Пратеникот во текот на претресот по амандман на текстот на предлогот на амандман на Уставот може да говори само еднаш во траење од 10 минути.
Координатор на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група или од координаторот на пратеничката група во претрес по амандман може да говори само еднаш во траење од 15 минути. Претставникот на предлагачот може да говори само еднаш во траење од пет минути.
Само подносителот на амандманот на текстот на предлогот на амандманот на Уставот може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути, а доколку подносители на амандман се двајца или повеќе пратеници само еден од подносителите може да даде образложение и
да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути.
Амандманите што ги поднел предлагачот и амандманите со кои тој се согласил се сметаат за составен дел на текстот на предлогот на амандманот на Уставот. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници го утврдува предлогот на секој амандман одделно.
За донесување на уставните амандмани потребно е да гласаат најмалку 80 пратеници.