Уставниот закон за спроведување на амандманите на дневен ред во матичната комисија

Од:

Уставниот закон за спроведување на амандманите за измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа, денеска е на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за уставни прашања, која вчера ги изгласа сите четири предлог-амандмани за уставни измени.

На вчерашната седница не присуствуваше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски претходно најави дека тие нема да учествуваат во натамошните фази на процесот за уставни измени кој, како што рече, е повеќе фарса,

Вчера во фокусот на дебатата беше државјанството односно членот 2 и ставот 2 каде што се предвидува државјанството да биде „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“.

Забелешките доаѓаа од пратениците од Алијансата на Албанците и од Беса кои бараа во делот за државјанството каде е наведено „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, да биде избришан терминот „македонско“ и да пишува само ,,државјани на Република Македонија“.

Пратениците Соња Мираковска од НСДП и опозицискиот пратеник Панчо Минов од ГРОМ, пак, ги поздравија интервенциите во предложените амандмани по собраниската дебата и јавните расправи организирани од Владата.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи реплицирајќи им на пратениците Албанци рече дека интервенциите се направени во согласност со Договорот од Преспа, што беше и причина за уставни измени, додека етничките прашања се опфатени со Охридскиот рамковен договор, кој ќе стане составен дел на Уставот.

По јавните дебати нема големи промени на четирите амандмани. Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект.

Со вториот во Преамбулата на Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор.

Во третиот се наведува дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува дека “Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, а оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.

Парламентарни партии во оваа трета и последна фаза имаа право за поднесување амандмани на уставните амандмани, за што рокот беше до саботата доцна попладне. До Собранието на Република Македонија во законскиот рок пристигнале седум амандмани и тоа два од Алијанса на Албанците, еден од Беса, еден од пратеникот од СДСМ Мухамед Зекири и три од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Амандмани не поднеле пратеничките групи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ.

По завршувањето на дебатата во Уставната комисија, предлог амандманите треба да бидат разгледани и изгласани на пленарна седница.

Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека се очекува таа да биде закажана по божикните празници, најрано на 9 јануари.

Се очекува целиот процес на уставни измени да биде завршен во средината на јануари. Уставните амандмани во третата фаза се носат со двотретинско мнозинство, што се очекува да биде постигнато во Парламентот.

Би можело да ве интересира

Рокас повтори дека мора да се направат уставните измени за прогрес кон ЕУ

Катерина Ѓуровски

Продолжувањето на пристапниот процес за Северна Македонија зависи од уставните измени за кои земјата се обврза порача Писонеро

Гаши: За да почнат уставните измени треба договор и политичка волја

Катерина Ѓуровски

Уставни измени, правосудниот систем и реформите поврзани со ЕУ, главни препораки во Извештајот на Европската комисија

Мицкоски: Предлог уставни измени во Собранието, пред формирање влада во Бугарија, е наивно

Катерина Ѓуровски

Неодбивањето на Фон дер Лајен на нашиот предлот значи дека има простор за потенцијално решение за уставните измени толкува Муртезани