Уставен: Одложено одлучувањето по Законот за високо образование

Од:

Непотполниот состав поради болест на две судијки беше причина Уставниот суд на Република Македонија денеска да го одложи одлучувањето по Законот за високо образование.

– Одлучувањето по предметот за уставноста на 19 одредби од Законот за високо образование и за уставноста и законитоста на три подзаконски акти кои се во врска со високото образование, а се однесуваат за основање на високо-образовни установи, за условите под кои истакнат стручњак од практиката може да изведува клиничка настава и за правилникот за организирање на практична настава за студентите, судијата-известител предложи да се одложи поради интересот на јавноста и отсутноста на судиите Наташа Габер-Дамјановска и Елена Гошева од здравствени причини, изјави по седницата портпаролот на Уставен суд, Југослав Миленковиќ.

Судот по Законот за високото образование ќе одлучува на една од наредните седници кога ќе биде во полн состав.

Подготвителната седница за Законот за високото образование Судот ја одржа на 15-ти март годинава, кога се дебатираше за измените и дополнувањата на Законот, кои за група професори се неуставни и навлегуваат во автономијата на универзитетите.

Иницијативата во која се искажува незадоволството од предложените измени е поднесена од група професори и сенатори. Професорите сметаат дека преку измените на Законот, власта се обидува да навлезе во автономијата и независноста на универзитетите, која е загарантирана со Уставот на Република Македонија.

Универзитетската автономија подразбира академска слобода која ги опфаќа слободата на изразување, негување и поттикнување критичка мисла, определување на академските профили, воведување и укинување на академски програми, дефинирање на содржината на програмите врз чија основа се стекнуваат академски степени, определување на улогата и одговорноста во поглед на обезбедување квалитет на програмите и академските степени, како и финансиската и организациска автономија.

Според министерот за образование и наука Панче Кралев измените на Законот се воведуваат со цел да се зацврсти виталната улога во развојот на стопанството, демократското општество и општеството засновано на знаење.

Судот денеска не поведе постапка за член 40, став 3 од Законот за управните спорови, а ги отфрли иницијативите поднесени за Одлуката на Совет на општина Центар која се однесува на ДУП за локалитетот „Буњаковец 1“, за Одлуката на Советот на општина Сопиште донесена во јули 2012 година со која се поништува некоја друга одлука за склучување Договор за јавно-приватно партнерство, како и за Одлуката донесена за исплата на еднократна парична награда донесена од Советот на општина Центар во ноември годинава.

Судот го отфрли и Барањето на Стрезо Стрезовски од Скопје со кое тој бара да му се заштитат слободи и права повредени со фактура за испорачана топлинска енергија. Барањето е отфрлено бидејќи Уставниот суд не е надлежен да постапува по него.

Би можело да ве интересира

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Студентите си ги бараат неисплатените стипендии, ќе протестираат пред Министерството за образование

Ректоратот бара, МОН ветува дека нема да се зголеми партиципацијата за студентите

Орце Костов

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов