Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски кој е инволвиран во спорот со Центар, ја злоупотребува службената положба за да издејствува позитивен исход за неговата дивоградба. Откако изгради без дозвола два ката сред Центар од 560 метри квадратни, што е кривично дело, сега ја користи позицијата претседател на судот за да ја поништи одлуката на Апелациониот суд кој одлучи да ги изземе него и судијката од претходната постапка во натамошно одлучување, дознава А1он.
Панчевски, во својство на претседател на Кривичниот суд и со печат на судот сега бара од Врховниот суд да се поништи одлуката за негово изземање, а да се изземе претседателката на Апелациониот суд Љиљана Шопова Ивановска која ја донесе одлуката.
„Од сите претходно наведени причини особено блиските и непосредни релации со Вас како Претседател на Апелациониот суд Скопје, истовремено како колега судија, сметам дека ниту по претходното изземање ниту по ова изземање не требало да постапувате туку самите да се иззмете и предметот да го пратите до непосредно повисокиот суд, бидејќи и вашата одлука може да предизвика сомневање во вашата непристрасност што е основ за изземање од член 33 ст.2 од ЗКП дотолку што при донесување на претходната одлука контактиравте со мене и со ОЈО по однос на истата“, наведува Панчевски во службениот допис.
Панчевски наведува дека одлуката на Шопова да биде изземен како претседател на Основниот суд Скопје е незаконска, зашто не постапувал како судија.
-Претседателот на судот на постапувал како судија во конкретниот предмет а изземањето е направено со образложение дека се иззема да одлучува по барањето за изземање што е апсолутно неточно бидејќи предметот непосредно веднаш е доставен на одлучување на Претседателот на Апелациониот суд Скопје.
Ваквата Ваша одлука е скандалозна и правно небулозна, наведува Панчевски во службениот допис.
Тој дури и наведува дека ова било навреда за неговиот личен итегритет и на судиите во одделот, но и дека не бил оштетен со уривањето на објектот.
-Овие наводи дотолку повеќе што јас како претседател на судот Владимир Панчевски не сум оштетен во конкретниот предмет што е заведен пред овој суд, туку е Стојан Панчевски кој е и подносител на кривичната пријава, а моето име се јавува како инвеститорот Владимир Панчевски во самиот текст , при што ниту од страна на ОЈО немам својство на оштетен, ниту сум повикан во такво својство, напишал Панчевски на 7 ноемрври годинава.
Со одлуката на Апелација од 1 ноември, а по барање на адвокатот на тужената инспекторка од општина Центар, Претседателот на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски, како и судијата на претходната постапка, Славјанка Јанкоска се иземени од случајот.
Во барањето на адвокатот за изземање беше наведено дека причина е постоење основа за непристрасност за постапување на судиите поради фактот што како оштететен се јавува претседател на судот, па поради колегијалните односи се доведува во прашање постапувањето на судиите.
Истовремено, Апелација не го уважи барањето за изземање на сите судии од Основен суд Скопје 1, бидејќи странката може да бара изземање на судии само поединечно, а предметот ќе се распредели автоматски на друг судија во кривичниот оддел, согласно годишниот распоред на судот.
Овластен градежен инспекот на општина Центар констатираше дека претседателот на судот Владимир Панчевски со двајца роднини, без одобрение изградил уште два спрата на објектот на улица „Никола Вапцаров“ бр. 6.
Општина Центар, ги изврши подготовките за уривање на бесправно изградениот објект, но инвеститорите, кои претходно тврдеа дека се работи за политичка хајка против претседателот на Кривичниот суд, сами пристапија кон уривање на објектот.