УСАИД денеска го промовираше новиот проект за правна заштита на жените жртви на насилство и дискриминација во Македонија, кој е во согласност со меѓународните стандарди за заштита на човековите права и придонесува за унапредување на судските постапки за заштита на жените жртви и подигнување на јавната свест за последиците од злоупотребата на женските човекови права.
– Сите ние сме агенти на промените без разлика дали работиме на локално ниво во заедниците или како дел од поголема владина институција. Со заеднички напори можеме да ја подигнеме свеста,промениме ставовите и да ги заштитиме жртвите од секаков вид на насилство: физичко, емотивно, психолошко или финансиско, изјави Мајкл Стивејтер, Директор на канцеларијата за развој на УСАИД.
Проекот на УСАИД за правна заштита на жените е тригодишен проект имплементиран од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) во партнерство со Отворена Порта – Ла Страда и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.
Проектот ќе опфати: набљудување на тековни судски предмети поврзани со насилство и дискриминација врз жените; проценка на степенот на судска заштита на ранливите категории на жените жртви; јакнење на капацитетите на судиите за примена на меѓународните стандарди за заштита на женските човекови права содржани во Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените на Обединети Нации (КЕДЖ); зголемување на нивото на информираност на жртвите за судските постапки за заштита од насилство и дискриминација; подготовка на препораки за унапредување на релевантната законска рамка (во согласност со специфичните потреби на различните категории на жртви); јакнење на капацитетите на граѓанските организации за примена на меѓународните и регионалните механизми за заштита на женските човекови права (опциониот протокол кон КЕДЖ и Европскиот суд за човекови права); иницирање на индивидуални случаи за стратешко застапување; и обезбедување на бесплатни правни совети и поддршка за жените жртви на насилство и дискриминација.