УСАИД го заврши петгодишниот Проект за меѓуетничка интеграција во образованието

Од:

Над 18.000 наставници во Македонија се обучени за концептите за меѓуетничка интеграција во образованието преку проектот на Американската агенција за меѓународен развој-УСАИД реализиран во изминатите пет години. Проектот, во кој беа вклучени МОН, општините и училиштата, беше спроведен од Македонскиот центар за граѓанско образование, а неговата вредност е 6,2 милиони долари.

Со Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО) биле формирани 436 тимови за училишна интеграција во сите основни и средни училишта. Реновирани се 63 училишта од што придобивки имаат над 46.000 ученици и повеќе од 5.000 наставници. Биле организирани 1.500 заеднички настани на над 60.000 ученици од различни етнички заедниции. Тие учествувале во воннаставни активности, игри и екскурзии, во мешани креативни работилници и дебати за меѓусебно запознавање и негување на мултикултурализмот.

Тоа беше и главна цел на петгодишниот проект кој денеска беше официјално затворен со презентација на резултатите, кратко видео и музички настапи на ученици, во присуство на голем број наставници и ученици од сите општини. Подготвена е и публикација „40 кратки приказни со силна порака“.

Раководителот на ПМИО Небојша Мојсоски во обраќањето рече дека проектот е успешен иако кога го почнале, како и денеска, има луѓе кои се скептични и не веруваат во неговата цел. Проектот, рече тој, бил напорен, но во исто време многу благороден и значаен за сите.

– Но ова што го направивме не е доволно. Проектот е успешен кога ќе прерасне во процес, а за процесот да успее имаме одговорност сите ние како индивидуи, а не само општините, училиштата, институциите. Со овој проект успеавме да докажеме дека кога на учениците и наставниците ќе им дадеме конструктивна можност за соработка, тогаш се создаваат пријателства, релации на едните со другите, рече Мојсоски, додавајќи дека ова не е крајот на нивната цел, туку основа за продолжување на соработката и за општество базирано на соживот и градење заедничка иднина во Македонија.

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу рече дека реформите што ги спроведува МОН се насочени кон унапредување на концептот за меѓуетничка интеграција и дека од големо значење била поддршката од УСАИД и EUCOM преку различни видови обуки, активности, подобрување на условите во училиштата итн.

– Благодарение на ангажманот на сите вклучени во проектот сега имаме јасни насоки, концепти и методологии кои веќе стануваат дел од образовниот процес и ќе бидат применети во наставните програми и во воннучилишните активности. За да се мотивираат учениците и да работат упорно во негувањето мултикултурни вредности, треба да се мотивираат и самите наставници за нивните ученици да постигнат максимални резултати, истакна Лутфиу, додавајќи дека наставниците и родителите имаат клучна улога во овие реформи.

Директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија Џејмс Стајн истакна дека се горди од резултатите на проектот и од тоа што во него биле вклучени сите основни и средни училишта во Македонија. Рече дека заеднички унапредените реформи го поддржуваат разбирањето на разичните луѓе и култури.

– Целта на ваквото образование е да ги охрабри учениците да ги почитуваат различностите во сите области од животот. Преку овие програми учениците учат дека сите сме исти, како и дека почитувањето на етничките различности и меѓуетничката соработка е вистинскиот пат за Македонија да успее во иднината. Се чини дека вестите секогаш се фокусираат на тоа колку сме различни и поделени. Меѓутоа, секој човек е 99,5 проценти сличен со сите други луѓе, а само недостатокот на позитивна интеракција е она што води до недоразбирање, поделби и, конечно, сегрегација, истакна Стајн, повикувајќи тоа што досега е постигнато да се надградува и покрај тоа што проектот денеска формално завршува.

Американскиот амбасадор Џес Бејли во изјава за медиумите рече дека настанот е фантастичен и дека присуството на толку многу ученици, родители, наставници покажува колку бил важен овој проект во изминатите пет години. – Мислам дека е тоа добар знак за иднината на Македонија, рече Бејли.

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците