Уникатната убавина на Шар Планина конечно ќе биде крунисана во Национален парк

Од:

Шар Планина е едно од непроценливите богатства на земјава, но беа потребни години за да се стигне до моментот таа да биде прогласена за Национален парк, со што конечно ќе биде заштитенa нејзината скапоцена природа.

Територијата на Шар Планина изобилува со природни богатства од најразличен вид: геолошки и геоморфолошки форми, глацијални езера и планински водотеци и огромна биолошка разновидност претставена преку разновидните станишта (шуми, пасишта, тресетишта итн.), видов диверзитет со присуство на голем број ендемични, ретки и реликтни растенија, животни и габи, како и значајни сорти и раси културни растенија и животни. Покрај тоа, значајно е и културното наследство изразено преку карактеристичниот предел формиран со милениуми како резултат на традиционалното сточарство и искористување на шумите.

Со прогласувањето на Шар Планина за Национален парк се гарантира заштита на биолошката разновидност, заштита на природата, на сите видови, но и развој на инфраструктурата, туризмот, како и зелените работни места.

Туризам на Шара

Секоја година се повеќе и повеќе се развива туризмот на Шара, но за жал, се уште не е постигнато потребното ниво за целосно искористување на нејзиниот капацитет.

Во зимскиот период туристите се побројни поради можностите за зимски спортови, но Шара има што да понуди и во останатите периоди од годината за оние кои уживаат во локална храна, јавање коњи, планинарење, како и долги прошетки во природа.

Со години наназад голем број од локалните жители чуваат овци и крави, а со нивното млеко произведуваат традиционално сирење со врвен квалитет.

При медиумската посета на Шар Планина, имавме прилика да се запознаеме со повеќе лица кои се занимаваат со туризам. Она што особено воодушевува е нивната комуникација и меѓусебно помагање.

Сопственик на хотел раскажа како сите меѓусебно си помагаат. Тој откупува млечни производи од луѓето кои чуваат овци, на неговите туристи им нуди јавање со коњи со лицата кои ја нудат таа услуга. Нуди слатки и домашни производи подготвени од жени кои живеат во локалните села.

Човекот кој поседува коњи, ни овозможи да уживаме во тоа искуство и при тоа не однесе на бачило кај еден постар господин кој целата енергија ја посветил на тоа место да му даде посебна магија.

Тој изготвува различни видови на сирење, со билки, зачини и дефинитивно многу љубов. Таму служат со домашно овчо кисело млеко, бакрдан, различни видови сирење и ѓомлезе. Сосема разбирливо зошто странските туристи се воодушевени од тамошната локална храна и повторно се враќаат.

Шара е одлично место и за поразлични видови на спорт, па така таму веќе е развиено и фрирајд скијањето, како и планинскиот велосипедизам.

Интересно е како тие гледаат на прогласувањето на Шар Планина за Национален парк. Сите со нетрпение го очекуваат и покрај тоа што тоа ќе им донесе одредени ограничувања и обврски, но како што велат тие, тоа ќе донесе огромни можности и развивање на туризмот во вистински правец.

Гледишта на локалните жители

Осумдесет и шест проценти од локалното население смета дека во регионот ќе има позитивни промени доколку Шара се прогласи за национален парк.

И покрај тоа што тоа е еден од најубавите предели во земјава, жителите во триесетината тамошни села живеат во супстандардни услови. Лоша инфраструктура, дивоградби, неконтролирана сеча на шумите, несоодветно одлагање на отпад, се само дел од проблемите со кои тие се соочуваат. Но, прогласувањето на Шар Планина за Национален парк дава огромна надеж за конечно решавање на тие проблеми.

Жителите се среќни што конечно ќе дојде до промени во тие аспекти, но исто така имаат големи очекувања за забрзано развивање на регионот, а со тоа и поголеми можности за нивна егзистенција.

Належните во изминатиот период остварија многу средби со локалните жители за да ги слушнат нивните барања и во таа насока да се изготви планот за управување со НП.

Најзначајно е тоа што во идниот план за управување се земени предвид речиси сите потреби на населението со цел да не се наруши нивниот досегашен животен тек.

Управа на НП Шар Планина

Откако Шар Планина ќе биде прогласена за Национален парк, државата ќе обезбеди идна управа што понатаму ќе раководи со НП.

Она на што е посветено огромно внимание е планот за управување со НП, што ќе претставува алатка за идното работење на Јавното претпијатие.

Според планираното, Нацрт-планот ќе биде презентиран во септември, а финализиран во октомври.

Чекор по чекор, со макотрпна работа за многу скоро време ќе бидат видливи и првите промени по прогласувањето.

Развојот на туризмот во тој регион ќе биде од голема корист за Северна Македонија, како и за локалните жители кои на тој начин ќе егзистираат.

Со прогласување на Шар Планина за Национален парк ќе се заштити огромното природно богатство што го поседува планината, ќе се привлечат странски инвестиции и донации, ќе се зачуваат традиционалните вредности на подрачјето, ќе се развие еко-туризмот, но и со оглед на тоа што планината е прекуграничен регион ќе се зацврсти соработката во прекугранични рамки со Косово и Албанија.

Денови до прогласувањето

Прогласувањето на Шар Планина за Национален парк веќе е во собраниска процедура, односно останата е последната фаза, а тоа е гласањето.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изрази надеж за голема поддршка со оглед на поддршката на претходните дебати од 90 претеници.

Надлежните со полна пареа работат за она што следи по прогласувањето, а нивниот ентузијазам дава голема надеж дека го државава можат да се случат големи промени од кои сите ќе имаат придобивки.

Би можело да ве интересира

Спасен повреден мотоциклист кој паднал во провалија на Шар Планина

Пронајдена почината 72-годишна жена која планинарела на Шар Планина

Катерина Ѓуровски

Гром уби жена во Превала, на косовската страна на Шар Планина

Катерина Ѓуровски

Уште е активен пожарот на Шар Планина, гори букова шума во Чашка

Жителите да излезат и да ги бранат имотите, пожарот е проширен – повик од Националниот парк „Шар Планина“

ВИДЕО: Локализиран е пожарот на Шар Планина, гори на Баба

Катерина Ѓуровски