Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР, бара од владите низ светот итно да обрнат внимание на состојбата на милионите лица без државјанство и да ги следат препораките кои организацијата ги издаде денеска, со цел да се осигура дека тие ќе бидат вклучени во мерките против Ковид-19.
– На милиони луѓе низ светот им се негира правото на државјанство и правата кои тоа ги носи. Тие не постојат на хартија и најчесто живеат на работ на општеството. Загрижени сме дека во овие тешки времиња, среде глобалната пандемија, тие се под голем ризик да бидат изоставени во мерките, изјави Филипо Гранди, висок комесар на ОН за бегалци.
Како што соопшти УНХЦР, лицата без државјанство често немаат пристап до основните услуги, вклучувајќи здравствена заштита, па така сега можат да бидат исклучени или да наидат на препреки до пристапот до тестови и третман. Некои од нив би се воздржале и не би пристапиле до услугите од страв дека нивниот правен статус може да ги изложи на ризик од задржување или депортирање.
– Мора да повториме дека исклучувањето не носи полза никому, а најмалку на глобалните заложби за ограничување на вирусот. Пандемијата може да се победи само доколку сите, без разлика на нивниот правен статус, се вклучени во мерките. Никој не е безбеден доколку не се вклучени сите, а тоа значи да се вклучат и често невидливите популации без државјанство, рече Гранди.
Според извештаите, во 78 земји има околу 3,9 милиони лица без државјанство, но вистинската бројка е веројатно далеку поголема. Без законски права и пристап до услуги, без државјанството остава многумина политички и економски маргинилизирани, дискриминирани и изложени на експлоатација и злоупотреби.
Во многу земји низ светот, лицата без државјанство живеат во санитарни услови кои се несоодветни или под стандардите, што го зголемува ризикот од зараза. Ограничени од својот правен статус, многумина работат во неформалниот сектор, што исто така може да ги спречи да се придржуваат кон протоколите на јавното здравје, како што се самоизолацијата и физичкото дистанцирање.
Значителен број лица без државјанство продолжено се задржуваат пред отстранување врз основа на тоа дека немаат регулиран престој и нема земја во која би биле депортирани. Покрај тоа што се крши нивното право на слобода, тие во моментов се соочуваат со потенцијално зголемен ризик за инфекција, како што
укажуваат лекарските и медицинските здруженија низ светот за можните ширења на Ковид-19 во овие центри.
УНХЦР истовремено е загрижен од можноста мерките да придонесат за зголемување на ксенофобијата и дискриминацијата кон оние кои се сметаат дека се под ризик од зараза, со оглед на тоа дека мнозинството лица без државјанство за кои се знае во светот, припаѓаат на малцински групи кои се особено ранливи на дискриминација.
– Вирусот истовремено ги изложи разорните последици на бездржавјанството и итноста на потребата да се искорени. Правото на државјанство е основно човеково право и во овие кризни времиња може да значи разлика помеѓу живот или смрт, додаде Гранди.
За да се обезбеди заштита и вклучување на лицата без државјанство во мерките на јавното здравство, УНХЦР издаде упатство со политики и добри практики.
Препораките вклучуваат: здравствените услуги, вклучувајќи ги тестирањето и третирањето на Ковид-19, да бидат достапни за сите, без разлика на статусот државјанство или правно регулираниот престој, да се постави заштитен ѕид помеѓу здравствените и имиграциските услуги во овој период за да им се овозможи на лицата без државјанство пристап до услугите без страв и ризик од апсење или задржување. Лицата без државјанство да бидат дел од информативните кампањи за Ковид-19, земајќи ги предвид нивната локација, јазикот и начините на кои тие одбираат да комуницираат.
Меѓу препораките се и активностите за запишување во матичните книги, вклучувајќи го запишувањето во матичната книга на родените, да се сметаат за неодложни активности, со што тие нема да запрат и на тој начин ќе се намали ризикот од останување без државјанство заради немање правен доказ за идентитет или право на државјанство. Да запре задржувањето пред отстранување за лицата без државјанство и да се разгледа можноста за ослободување на оние кои се задржани поради нивниот статус на бездржавјанство. Да се осигура мерките за одговор да не ги разгоруваат ксенофобијата и расната дискриминација и да се обезбеди финансиска поддршка за сите кои престојуваат на територијата и кои ги исполнуваат критериумите за ранливост, без разлика на правниот статус, стои во препораките на УНХЦР.