Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола (УКЛО) објави конкурс за упис на трет циклус (докторски) студии. Од УКЛО-Битола информираат дека во новата академска година ќе може да се запишат 111 кандидати за докторски студии во една од десетте универзитетски единици.
Техничкиот факултет-Битола годинава ќе може да запише 12 кандидати, ФИКТ-Битола ќе може да запише три докторанди, Технолошко-техничкиот факултет во Велес може да запише 12, Економскиот факултет во Прилеп 17, а исто толку кандидати може да се запишат и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Најголема можност за упис на докторанди нуди Факултетот за безбедност-Скопје, вкупно 20, додека на Педагошкиот факултет има место за седум кандидати.
Упис за трет циклус студии е објавен и за шест кандидати за Факултетот за биотехнички науки и пет за Научен институт за тутун во Прилеп, истакнуваат од УКЛО. Очекуваат да биде добиена акредитација на наставната програма Меѓународно право и политика, со што докторанди ќе може да запише и Правниот факултет со седиште во Кичево.
Приот уписен рок за докторски студии завршува на 29 септември, а цената за студирање се движи од 3.500 до 5.400 евра за домашни студенти и од 4.000 до 7.000 евра за студенти од странство.