Министерството за правда ја укина суспензијата за исплата на средства за редовно годишно финансирање на ВМРО Народна партија, ДПА, Демократската партија на Ромите, откако на 20-ти овој месец доби информација од Државниот завод за ревизија во која се вели дека овие политички партии ги отстраниле забелешките.
– На 15-ти септември годинава од Државниот завод за ревизија до Министерството за правда е доставена информација во која се вели „привремено запирање на исплата на средствата за редовно годишно финансирање на буџетот за следните политички партии“. Согласно одредбите од Законот за финансирање на политичките партии надзор над финансирањето врши Државниот завод за ревизија, а не Министерството за правда, појасни министерот за правда Аднан Јашари, одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на решенијата на судските преведувачи.
Во контекст на тоа, додаде дека доколку Државниот завод за ревизија констатирал неправилности во однос на финансирањето го известува Министерството за правда.
– Министерството согласно Законот за финансирање на политичките партии донело одлука која е објавена во Службен весник. Оваа информација од Државниот завод за ревизија им е доставена на овие политички партии за да ги отстранат недостатоците, истакна Јашари.
Државниот завод за ревизија на 20-ти овој месец, како што рече, достави друга информација со која вели дека „на политичките партии ВМРО Народна, ДПА, Демократската партија на Ромите им се укинува суспензијата за исплата, затоа што се отстранети забелешките од нивна страна“.
Согласно ова информација, како што рече Јашари, Министерството за правда на 24-ти овој месец изготви одлука за изменување на одлука за запирање на исплата на средства, која е доставена за објавување во Службен весник.
– Но изгледа дека колегите пратеници немаат информации за оваа одлука или пак немаат информациии во однос на начинот како се финансираат политичките партии, иако моите информации велат дека Законот за финансирање на политичките партии е изменет и дополнет кога тие биле пратеници. Сметам дека овие партеници не ги читале законите и не знаеле што гласаат, но јасно е дека немаат информации во однос на постапката за финансирање на политичките партии, рече Јашари.
На прашање за измените на Законот за нотаријат, министерот за правда рече дека станува збор за заклучок на Владата. – Се работи за постапка за изменување и дополнување на Законот за нотаријат. Постои заклучок на Владата кој го анализира Работна група, која треба да даде мислење, истакна Јашари и додаде дека откако Работната група ќе излезе со верзија, Министерството за правда ќе изврши анализа и ќе се изјасни за тоа дали постојат колизии или не.