УКИМ го одбележа Денот на Кирил и Методиј без молебен, свечена академија и прмовирање почесни титули

Од:

Наместо традиционално, со богата програма, настани и учесници, УКИМ денеска поинаку го одбележа „24 Мај“ – Денот на светите Кирил и Методиј, патрониот ден и 71-годишнината од основањето. Без молебен, без наградување на најдобрите студенти, без промовирање почесни звања и титули, без свечена академија, концерти или други уметнички перформанси.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски и претставникот на Универзитетското студентско собрание, Георги Божиновски положија цвеќе пред споменикот на патроните на УКИМ, светите браќа Кирил и Методиј, кој се наоѓа на платото на универзитетскиот кампус за општествени науки.

Цвеќе положи и делегација на Владата, предводена од техничкиот премиер Оливер Спасовски, во чиј состав беа и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, како и министерот без ресор, Зорица Апостолска, задолжена за странски инвестиции, како и делегација на Кабинетот на претседателот на државата, предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски.

Чинот на положување цвеќе на кој се приклучија и деканите и директорите на единиците на УКИМ, се одвиваше во текот на целиот ден поради протоколите и мерките за заштита од КОВИД-19.

-Како многу пати досега, повторно искрено ја признаваме нашата немоќ да ги пронајдеме вистинските зборови, вистинските јазични средства да ја изразиме нашата благодарност за делото на светите браќа Кирил и Методиј. Составувањето на првото словенско писмо и преводот на евангелските книги, епохалното дело на словенските сопокровители Кирил и Методиј имало религиозни мотиви, но успеало на наша среќа и радост да ги надмине и идеолошките и територијалните рамки и да влезе во светската културна ризница како сесловенско писмо. Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература, заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Заради огромната важност на нивната мисија, денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи. Светите браќа Кирил и Методиј од страна на Светата црква се прогласени за рамноапостолни поради нивните заслуги за афирмацијата на христијанската вера, рече ректорот Јанкуловски.

Тој изрази голема благодарност за делото на следбениците на патроните, на нивните верни ученици Климент и Наум кои, како што истакна, не само што продолжиле да ја негуваат и развиваат словенската писменост, туку почнале да ја шират и да ја зацврстуваат низ целиот словенски свет.

-Тие успеале да ја зачуваат словенската духовна слобода и да создадат расадник од каде што се ширеше словенската писменост и култура. Охридската книжевна школа што ја создадоа Климент и Наум и од која излегоа 3.500 нивни ученици, стана најразвиено словенско културно средиште во IX и Х век, односно првиот словенски универзитет. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје останува доследен на своите заложби во реализацијата на својата мисија, да го продолжи и зацврстува својот развоен од како универзитет посветен на негувањето и на интернационалната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ (македонскиот јазик, историјата, литературата и културата), но истовремено да ги негува и културните вредности на другите етнички заедници во РМ, напомена Јанкуловски.

Во оваа прилика, тој се осврна и на ситуацијата со КОВИД-19 поради која наставата, работата и животот на УКИМ денес се поинакви.

-За жал оваа година, прв пат од своето постоење, УКИМ ја завршува тековната академска година на нетрадиционален начин, во вонредна и исклучително неизвесна состојба. Злото што со себе го донесе КОВИД-19 донесе големи промени во животот и секојдневието во целиот свет. Како резултат на пандемијата, исто како насекаде во светот амфитеатрите, предавалните, аулите и лабораториите на УКИМ, веќе трет месец се празни. Нема студенти, нема џагор. Користејќи го своето огромно знаење и искуство, согласно сите расположливи човечки, материјални и техничко-технолошки ресурси, УКИМ за многу кратко време успешно се адаптираше на новонастанатата ситуација и продолжи со својата работа и во овие вонредно тешки услови. Веќе трет месец, наставата на факултетите на УКИМ се одржува онлајн со користење на повеќе платформи чиј избор е оставен на самите факултетите и на професорите, рече ректорот на УКИМ, Јанкуловски.

Би можело да ве интересира

Втор уписен рок за прва година на УКИМ, слободни места има на речиси сите факултети

Почнува уписот на УКИМ, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Упис на УКИМ на 29 и 30 август, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со македонисти од 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Предраг Петровиќ

На УКИМ слободни 9.921 места за упис во прва година во 2024/2025

Горан Наумовски

УКИМ повторно рангиран на 1.990 место од 2.000 најдобри универзитети во светот