Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи утре не ќе можел да присуствува на средбата со угостителите во 14:30 часот, но неговиот Кабинет не ја откажал, туку предложил средбата сепак да се одржи, со некој од соработниците. Угостителите не го прифаќаат ваквиот предлог, со образложение дека не скааат да бидат нечиј декор. Тие бараат да присуствуваат на средбата во Владата со четирите стопански комори што е закажана за 10 часот претпладне.
Како што соопшти денеска претседателот на Независната угостителска комора (НУК), Здравко Јосифовски, претставниците на угостителите не сакаат само да се сликаат и да бидат нечиј декор, односно да присуствуваат на средба на која ќе се зборува за нешто што е веќе дефинирано.
– Од Кабинетот на вицепремиерот се јавија да ја откажат средбата зашто Битиќи не е тука. Со оглед дека ние не договаравме средба со претставници од Кабинетот на Битиќи, сметаме дека на таква средба не треба да одиме. Не сакаме да бидеме присутни само како декор, за да се сликаме и да излезе во јавност дека сме преговарале за нешто што е веќе завршено. Не гледаме причина зашто би оделе со некој друг да разговараме, кога одговорниот што го води петтиот пакет мерки не е тука, рече Јосифовски.
Според него, на средбата со коморите ќе се зборува за петтиот антикризен пакет мерки кој е веќе донесен, но без угостителите и музичарите.
Сепак, НУК има информации дека ќе продолжи субвенцијата за плати во угостителската индустрија.
-Она што го знаеме е дека субвенцијата за плати ќе продолжи за угостителската индустрија. Очекуваме да бидат без услови, односно секој угостител за секој вработен да може да ја добие соодветната субвенција – поддршка за покривање на загубите на угостителите во висина на 20-те милиони евра што ги баравме за сите 6.500 угостителски објекти, да се донесе одлука и да биде сукцесивно распределена од 1.000 до 5.000 по угостителски обејкт, рече претседателот на НУК.
Комората, напомена Јосифовски, останува на своите барања.
-Со носење субвенции за еден или два месеца не значи дека работата е завршена. Поддршката, посебно за платите во угостителската индустрија, треба да трае до завршување на пандемијата, напомена Јосифовски.
Субвенции, смета НУК, треба да има и за ноќните клубови, за рестораните кои организираат прослави и настани, но и за естрадните уметници кои се исто така загрозена категорија со оглед дека нивните настапи во корона кризата не се дозволени.