Македонскиот државјанин, Исак Ајдин, 33 години, кој бил застрелан додека седел во кафе-бар во местото Маргера, во близина на италијанскиот град Венеција, како и неговиот тешко ранет пријател Ѓунер Елмаз, 32 години потекнуваат од дебарскиот крај, од областа Горна Жупа, општина Центар Жупа.
Исак Ајдин е од селото Брештани, не бил женет додека Елмаз е женет и е татко на две малолетни деца. Неговата состојба е критична, тој се уште е во кома, потврдија жители од Горна Жупа.
Оружен напад како што известуваат италијанските медиуми, се случил вчеравечер околу 20 часот. Ајдин бил застрелан додека седел во кафе барот „Ае до дорс„ чиј сопственик бил Кинез. Непознати напаѓачи рафалано стрелале во двајцата мажи, по што побегнале. Со жртвите седело уште едно лице, но тоа не е повредено.
– Исак Ајдин го паркирал својот син „мерцедес“ на улицата пред барот. Разговарал со својот пријател, а во објектот имало уште неколку Македонци, кои традиционално се собирале секоја недела. Убијците им се приближиле, жртвите почнале на македонски да викаат: „Бегај, бегај“, но куршумите биле побрзи од нив.
Затекнатите гости биле во паника, се обидувале да се спасат, па не можеле со сигурност да утврдат дали напаѓачите побегнале со автомобил, односно дали ги чекал трет партнер. Ранетиот 32-годишник е пренесен во болница, пренесуваат агенциите повикувајќи се на италијанските медиуми.
Убиениот Исак Ајдин, повеќе години живеел во Италија, работел како плочкар и поседувал компанија во Маргера. Жителите од Горна Жупа, област населена со етнички Турци, со кои разговаравме, за него имаат само пофални зборови. Тој бил познат меѓу Македонците од Италија, како фино момче кое само работело и се грижело за семејството во родниот крај.
Мотивите за бруталниот напад се’ истражуваат.