„Тврдокорни“: Собранието и Владата се нелигитимни, време е за граѓанска непослушност

Од:

Здружението „Тврдокорни“ заедно со МОС (Македонски обединети сили), движењето „Преродба“ и Светскиот македонски конгрес објавија соопштение во кое повикуваат на кампања за граѓанска непослушност, што е, како што велат, граѓанско средство со кое ќе се спротивстават на политичкото насилство врз македонскиот народ. Оттаму нагласуваат дека во наредните денови, недели и месеци, сѐ додека Македонија не му се врати на македонскиот народ, на пошироката јавност ќе ѝ бидат давани насоки за начините на изразување граѓанска непослушност.

„Во услови на сеопшти напади за разграбување на македонската државност, ги повикуваме сите Македонци и пријателите на македонскиот народ на секое место низ разни облици на граѓанска непослушност да го одбраниме својот дом и да ја одбраниме скапо платената македонска државност“, се наведува во соопштението.

Оттаму истакнуваат дека кампањата на граѓанска непослушност и морално жигосување ќе се води против внатрешните сили, како партии, организации, така и поединци, кои вршат дејства во спроведување на плановите за разнебитување на македонската нација.

„Не ги признаваме за легитимни органите кои себе се нарекуваат: Собрание, Влада и судство на Република Македонија, сè додека управувањето со Македонија не му се врати на нејзиниот легитимен историски носител – mакедонскиот народ. Посебно не признаваме ниту една одлука од национален карактер која ќе ја донесат наведените органи. Во секоја пригода ќе даваме отпор во спроведувањето на секоја нивна одлука“, стои во соопштението.

Оттаму наведуваат дека сите оние кои во таканареченото Собрание ќе гласаат за навестените антимакедонски закони ќе бидат сметани за непријатели на македонскиот народ.

„Родените како Македонци кои ќе гласаат за законите како: Законот за јазиците со кој се воведува франкештајнска досега невидена двонационална држава, Договорот за добрососедство со Република Бугарија со кој македонската историја, а со тоа и македонската нација се третираат како бугарски, планот 3-6-9 со кој се напаѓаат моралот и здравата духовна култура на македонскиот народ, и на крај договарањата за името со кои македонското име во меѓународните односи му се предава во сопственост на јужниот сосед. Сите пратеници кои ќе учествуваат во гласањето на овие антимакедонски закони ќе бидат сметани за изроди од македонскиот народ. Тие и нивните нечесни семејства, нечесни родители и нечесно потомство секаде ќе бидат подложени на третман како одродници. Одродници кои во услови кога се работи за живот и смрт не се обѕрнале на тешката состојба кај сопствениот сиромашен народ туку им се приклучиле на ударите врз народот насочувани од надворешните непријатели“, пишува во соопштението на „Тврдокорни“.

Уште се наведува дека сите пратеници по име и презиме ќе бидат наведени и од моментот на гласање ќе го носат „јудиниот белег“.

„Кога Македонија ќе му биде вратена на македонскиот народ, секој од нив ќе одговара за својот придонес во велепредавството. Го повикуваме секој Македонец и сите пријатели на Македонците да прекинат какво било деловно или приватно општење со личностите и организациите кои учествуваат во предавничките договорања. Не ги послушавте нашите предупредувачки зборови и зборовите завршија, почнуваат делата“, стои на крајот од соопштението.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште