Твоја партија бара Владата да ги објави сите разговори, понуди и договори со сите производители, сé со цел јасно да се утврди кој е директниот виновник за неуспехот за набавка на вакцини. Ова од причина што со ваквото однесување директно е згрозено здравјето на граѓаните, а плаќањето се врши со пари на граѓаните кои едвај ја преживуваат здравствената и економската криза – објавија од партијата во соопштение.
Партијата повторно ги повикуваат сите надлежни државни органи да утврдат и точно да ги лоцираат одговорните субјекти за фактот што Македонија до денешен ден се уште сама нема набавено ниту една вакцина.
„Од самиот почеток на кризата упорно укажувавме дека неажурноста на Владата ќе не чини загубени животи и огромни материјални штети. Четири месечното доцнење во процесот на набавка на вакцини, ќе доведе до значително продолжување на траењето на пандемијата и катастрофални штети во сите сегменти“ – стои во соопштението.
Од Твоја партија велат дека веќе неколку пати со конкретни термини укажувале на намерно или случајно пропуштени рокови во набавката на вакцини, но биле комплетно игнорирани како од медиумите така и од надлежните органи.
„Последните случувања околу набавката на 200.000 вакцини од кинескиот Синофарм, и тоа преку посреднички фирми од Хонг Конг, само уште повеќе ги разгорува сомневањата дека е потребно сериозно преиспитување на постапката за набавка на вакцини. Имено, веќе воопшто не е спорно дека Владата најпрвин се обидела да набави вакцини преку посреднички компании, што во никој случај до сега не е дозволено од ниту еден производител. Сосема е разбирлива реакцијата на кинеските власти кои не ја дозволиле ваквата трансакција, која би можела да го компромитира целиот процес на набавка на вакцини преку драстично зголемување на цената, а исто така постои и сериозна опасност посредниците да продадат фалсификувани вакцини, кои веќе на големо се нудат на црниот пазар. Дури откако биле одбиени за набавка на овој начин, Владата и Министерството за здравство биле принудени да започнат регуларна постапка за набавка по единствениот легален пат и тоа со вклучување на Кинеската амбасада и директен контакт со производителот“ – се вели во соопштението од Твоја партија.