Имам чувство дека охриѓани седат дома, се штитат и се плашат, додека дел од гостите кои се дојдени се забавуваат и не ги почитуваат мерките за заштита од вирусот, вели директорот на Центарот за јавно здравје-Охрид, Сашо Точков за „А1он“. Според него, доколку ваквата состојба продолжи, тогаш бројката на новозаразени ќе се зголемува не само во охридско-струшкиот регион, туку во целата држава.
„Сегашната состојба во охридскиот регион е стагнирачка. Но, чувствуваме притисок, посебно последната недела и викендов кој ќе го имаме. Се плашам дека како последица на големиот наплив на туристи, односно, неодговорноста кај дел од луѓето, во наредниот период може да очекуваме зголемена бројка на заразни лица. Сите показатели и параметри покажуваат дека одговорноста е најважна да се заштитиме и да го прекинеме ланецот на ширење на вирусот. Тоа што се случува на плажите во Охрид влијае за да се соочиме со лоша ситуација. Ако немаме контрола, ќе треба да ги бркаме сите случаи низ цела држава“, вели Точков за „А1он“.
Тој смета дека сите институции во Охрид имаат одлична синхронизација и дека прават напори за епидемиолошката состојба во цел регион да остане стабилна. Точков вели дека епидемиолошката состојба е посложена во Струга.
„Ние правиме едукација на граѓаните, укажуваме дека треба да се почитуваат мерките, постојано апелираме. Но, свеста е подигната само за 0.1 процент, што зборува за нас и нашиот менталитет. Во Струга има посложена состојба со коронавирусот, како и двоцифрен број на заразени. Со зголемување на бројот на туристи, и непочитување на мерките за заштита на плажите, угостителските места, маркетите, ќе има ново зголемување на бројот на заразени“, додава Точков.