Туристите во Охрид без соодветна здравствена заштита

Од:

Здравствената заштита на туристите кои секоја година доаѓаат во Охрид е еден од основните проблеми на кои институциите, и тоа како, треба да поработат за нивно подобрување. Многуте несреќи кои се случија во изминативе години, од кои дел беа со загуба на човечки животи, треба да бидат аларм за надлежните. Последната несреќа пред неколку дена, во која животот го загуби параглајдерист од Унгарија ја разбранува јавноста околу недоволното присуство на медицински екипи на просторот каде што се сместени плажите на Охридското Езеро.

Дали животот на параглајдеристот, како и многу други животи претходно во изминатите години, ќе беа спасени доколку итната медицинска екипа побрзо реагирала, останува само енигма за јавноста. Токму во неделата, кога се случи несреќата, директорот на Здравствен дом во Охрид Митко Дабески за А1ОН изјави дека немаат мобилни екипи на огромниот простор на кој се протегаат плажите во Охрид, но во летниот период работеле со три екипи. Но, и со уште десет екипи да работат, огромниот простор, а и условите на патот од Охрид до Св. Наум, како и фрекфенцијата на возила ги спречуваат тие медицински екипи навреме да стигнат до местото на несреќата. Откако се вклучи црвеното светло, со загубата на човечки живот во неделата, брзата помош во Охрид се одлучи една медицинска екипа да биде дежурна во Љубаништа, како побрзо би интервенирала при евентуални несреќни случаи.

За големиот број параглајдеристи, кои се спуштаат од Галичица, но и обични туристи кои шетаат низ пределот на Националниот парк, неопходни се екипи кои ќе се грижат за нивната безбедност. Директорот на Националниот парк „Галичица“ за А1ОН рече дека одговорноста понатака не може да ја преземат тие.

„Доколку туристите побараат да бидат прошетани со водич, ние можеме да им излеземе во пресрет, но најчесто тие се групи предводени од туристички водичи со лиценца“, рече Зоран Велјановски.

Околу безбедноста на големиот број на параглајдеристи кои се спуштаат од Галичица, Велјановски рече дека немаат некој посебна обврска и единствено им наплаќаат за користење на терените на паркот.

Исто така, она што е важно е дека нема медицинска екипа на вода. До лани, функционираше бродот амбуланта на Црвениот крст од Охрид, но од оваа година ниту тој не е во функција заради недостигот на средства за негово одржување. Претседателот на Црвениот крст од Охрид, Сашо Точко вели дека пуштањето на бродот амбуланта бил само поттик за институциите на државата и градот за еден таков пловен објект кој е неопходен во летната туристичка сезона.

„Причината што бродот амбуланта повеќе не е во функција од годинава е тоа што немаме средства односно најповеќе гориво. Ние три години ги дававме услугите на бродот бесплатно, но никоја од институциите не помогна. Целта со бродот ни беше да дадеме апел и да ги поттикнеме институциите на државата и на градот за да обезбедат такво пловило на овој простор“, рече Точко за А1ОН.

Таков пловен објект е повеќе од потребен, посебно преку лето. Тој посоодветно би одговорил на предизвиците и сигурно би пристигнал побрзо до местото на евентуалната несреќа отколку да се чека медицинската екипа да пристигне по копнен пат во вакви услови какви што ги има моментов Охрид. Спасителите на плажите често пати не можат да се справат со потешки случаи на повреди без професионална медицинска екипа.

Охрид, во изминатите неколку години функционираше и воопшто без болница. Сите пациенти со здравствени проблеми се упатуваа во Струга, Битола или Скопје. Сето тоа го отежнуваше справувањето со итните случаи, посебно во летната сезона кога во градот присуствуваат значително поголем број луѓе.

Ова е само еден дел од проблемите поради кои Охрид секоја година ги губи туристите. Бројката и понатаму ќе се намалува доколку надлежните не превземаат мерки за справување на овие проблеми. Доколку сакаме да го направиме Охрид светска туристичка дестинација, како што се прикажува на рекламните спотови, основните услови за престој и безбедноста на туристите се неопходни.

Ф.Ј.

Би можело да ве интересира

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион