Библиотеката АЛ-БИ од село Бабино, Демир Хисар, објави Туристичко-археолошки водич за Демирхисарско, со финансиска поддршка на Владата на Република Македонија и стручна помош на НУ Завод и Музеј Битола.
Во публикацијата се евидентирани 196 археолошки локалитети од различни временски периоди, вклучително и археолошките локалитети со нецелосни топографски, хронолошки или културно-историски податоци.
Издавачот во предговорот наведува дека поттик да го објави водичот бил фактот што овој крај во Македонија е археолошки анонимен и неистражен, а наоѓалишта има во 40 населени места на територијата на Општина Демир Хисар. Во водичот пооделно се претставени археолошките наоди за секое населено место, што го прави практичен и применлив.
– Целта на печатењето на водичот е археолошките локалитети на Општина Демир Хисар да се доведат во фаза на пристојна презентација, да станат подостапни, попривлечни, поатрактивни за научната јавност и во крајна мера да доживеат и туристичка валоризација. Воедно, целта е да се поттикне теренската работа како основен предуслов за продуцирање нови археолошки вредности (научни, културни, туристички), пишува во предговорот на изданието.
Водичот ќе биде промовиран на 22-ри овој месец во 19 часот во битолската Магаза, а ќе го претстави градоначалникот на Демир Хисар Љупчо Блажевски. Настанот ќе биде збогатен со ликовна изложба и настап на учениците од музичкото училиште во Битола.