Министерот за правда Никола Тупанчески присуствуваше на промоцијата на новата судница во Основниот кривичен суд Скопје како дел од оперативниот план за дигитализација на правосудството.
– Државата е одлучна во процесот за постигнување на дигитална трансформација на правосудството. Oбезбедeни се финансиски средства и веќе во сите судови е набавен новиот сервер. Извршена е навремена и соодветна опременост на судовите со ИКТ опрема. Модерните европски дигитални текови се присутни во нашиот правосуден систем и го поттикнуваат враќање то на довербата во судството. Пристапот до правдата доживува целосна трансформација, а придонесот на информатичката технологија нуди бенифити кои нужно ќе доведат до унапредено судство ,заштита на човековите права и приближување до вредностите на правдата и правичноста – рече Тупанчески.
Министерот за правда во своето обраќање се осврна и на активностите за целосно оспособување и ставање во употреба на кривичната судница која што се наоѓа во Затворот „Идризово“, каде што Кривичниот суд ќе биде титулар на истата, со целосно опремување и користење на најсовремените дигитални алатки, што дополнително ќе ги забрза постапките кои што се водат пред овој суд.
Со новиот Закон за вештачење кој за десетина дена ќе влезе во владина процедура се очекува да се надминат сите недостатоци и дефекти кои се случуваат во моментов во оваа сфера. Ова го најави министерот за правда Никола Тупанчески одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на дигиталната судница во Основниот кривичен суд Скопје.
– Констатирани се дефектите и јас мислам дека тоа законско решение ќе овозможи решавање на сите досегашни наталожени проблеми почнувајќи од тоа како ќе биде изработен регистарот на вештаци, како ќе се добива лиценца и т.н. Законот ќе содржи прецизни правила за тоа како ќе се одвива вештачењето во иднина – рече Тупанчески.
Прашан за тоа што може министерството да направи за предметот за случајот „Ласкарци“ кој подолго време го чека супер вештачењето, Тупанчески потенцира дека не сака да коментира одделни случаи.
– Министерството за правда се обидува, во рамки на своите ингеренции, на создавање на оптимални услови, но работата за правораздавање е сепак работа на судовите и останатите субјекти кои се учесници во постапките – изјави Тупанчески.