Управата за финансиска полиција детално го проверува работењето на Фудбалската федерација на Македонија по сомневањата за проневерени над еден милион евра од главната сметководителка. Извори од Управата велат за „А1он“ дека на проверките независно работат три тима.
„Се прават три вида контроли во ФФМ. Една група инспектори ги проверува фирмите со коишто соработувала Федерацијата, друга група детално го претресува сметководството, а трета група работи на терен. Се оди по стадиони, по објекти, секаде каде што се градело или требало да се гради за да се утврди што е направено за парите што се прикажани како потрошени“, велат извори од финансиската полиција за „А1он“.
Неофицијално, секојдневно се зголемувал списокот на луѓе и фирми со коишто соработувала Федерацијата, а кои сега треба да бидат проверени.
„А1он“ објави дека главната сметководителка во Федерацијата, Олгица Младеноска, се сомничи за проневера на над еден милион евра со допишување нули на фактурите, со водење двојно книговодство и шурување со фирмите кои пружале различни услуги на Федерацијата. Вработени во ФФМ велат дека главната сметководителка на работа доаѓала со чевли од 1.000 евра, со скапи чанти, одела по трипати годишно на одмор, односно водела луксузен живот на сметка на Федерацијата. Сомневањата се дека тоа го превела повеќе години имајќи предвид дека таа три децении работи во Федерацијата, па од финансиската полиција велат дека прават проверка на работењето неколку години наназад.
Љубомир Ѓурчески, поранешен член на Управниот одбор на Федерацијата, за „А1он“ посочи дека одговорноста за проневерените пари не е само на сметководителката туку и на целото раководство, не само сегашното туку и претходното. Тој објасни дека против раководството на ФФМ се поднесени вкупно девет крвични пријави во 2017 и 2018 година , од кои две се од него, а на крајот на 2019 година две кривични пријави, исто така против сегашни и поранешни членови на раководството, поднела и Агенцијата за млади и спорт поради работење спротивно на Законот за спорт.