Триесет и двајца припадници на безбедносните сили на МВР постхумно одликувани со медал за храброст

Од:

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод 20-годишнината од одбележувањето на 7 Мај-Денот на баталјонот на Воената полиција и Денот на полицијата и безбедноста, денеска постхумно им додели медал за храброст на 32 припадници на безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, кои својот живот го положија служејќи и на државата.

На постхумното доделување на медалите за храброст присуствуваше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, припадници на МВР и семејствата на загинатите припадници на МВР.
Претседателот Иванов во обраќањето пред присутните рече „никогаш целосно не можеме да им се оддолжиме на луѓето кои ги дадоа своите животи за Македонија, но, можеме и мораме да им оддадеме почит за нивната голема жртва“.

– Нивните животи беа насилно и прерано прекинати. Останаа многу големи желби неисполнети, многу важни мигови недочекани, многу години непреживеани. Остана голема болка што сите ние и денес ја чувствуваме. Но, исполнетоста и целосноста на еден човечки живот не се мери само во годините изминати на овој свет. Се мери и според делата што се направени, обврските што се исполнети, заветот што е оставен во наследство, посочи Иванов.

Тој истакна дека сите херои кои ги одликуваат денес ја исполнија врвната обврска кон татковината.

– Верувам дека тие ги положија своите животи мислејќи на своите семејства, на идните поколенија, мислејќи на Македонија. За тоа сме им вечно благодарни. Пред повеќе од една деценија, татковци и мајки останаа без своите чеда. Синови и ќерки останаа без своите татковци, кои храбро ги дадоа своите животи за Македонија. Премногу боли изгубеното чедо. Премногу боли кога родителот останува без своето дете, сопругата без својот сопруг, а децата без својот родител. Потресно е кога губиме близок, бидејќи губиме дел од себе, рече претседателот Иванов.
Колку и да сакаме, колку и да се трудиме, што и да направиме, потенцира претседателот, никој од нас не може целосно да ја оттргне болката од вашите срца.

– Никој од нас не може да направи вашата тага целосно да исчезне. Но, тука сме за да ви помогнеме, да ве утешиме и да ве увериме дека нивната жртва не беше напразна. Тие загинаа бранејќи го територијалниот интегритет на нашата единствена татковина – Република Македонија. Нивната пожртвуваност нè обврзува сите нас да го чуваме и почитуваме уставниот поредок на Република Македонија. Да ги чуваме вредностите за кои се изборија нашите предци. Да ги чуваме слободата, независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на нашата татковина – Република Македонија, истакна Иванов.

Тој посочи „Македонија никогаш нема да дозволи нејзините херои да бидат запоставени и заборавени, тие ќе продолжат да живеат во нашиот спомен како храбри синови кои го направија она што татковината во еден турбулентен период го бараше од нив“.

– Да ја градиме Македонија како европска држава, со европски вредности, критериуми и стандарди. Македонија како заеднички, мирен и напреден дом за сите, без разлика на етничката, верска или каква било припадност или чувство на припадност. Нивната жртва е најголемиот влог во оваа иднина. Нека им е вечна слава на нашите паднати херои! Да живее Република Македонија, додаде претседателот Иванов.

Претседателот на Здружението на загинатите бранители во конфликтот во 2001 година, Владо Стојановски рече на семејствата им останале солзите, тагата, болката и спомените за најмилите.
– Ова е и голема загуба за државата. Куршумот не избира туку убива. Раката која направила зло да се осуди, а не амнестира. Синови, татковци сопрузи беа жртви во војната во 2001 година за подобро утре за сите граѓани на Македонија. Како Здружение се грижиме за сите прашања и ги решаваме со дијалог со Владата и државните институции. Ќе доаѓаме секоја година на спомениците и ќе им оддаваме почит на загинатите, а со тоа да ги потсетиме живите за ужасите од тоа што го носи војната со апел било и никогаш да не се повтори, истакна Стојановски.

По церемонијата на постхумното доделување на медалите за храброст, претседателот Иванов заедно со неговата сопруга Маја Иванова приредија прием за семејствата на загинатите припадници на Министерството за внатрешни работи.

ФОТО: Плусинфо

Би можело да ве интересира

Киднапиран, избоден и претепан скопјанец – еден од напаѓачите полицаец

Игор Димески: Левица ќе направи сè, за да се институционализираат барањата на бранителите од 2001

А1он

Пронајдено детето што беше пријавено за исчезнато во Сарај

А1он

Меџити не кажа дали е можен министер за внатрешни работи: Ќе разговараме во наредните денови

А1он

Уапсен триесетгодишник од Стојаково, полицијата му нашла марихуана во домот

А1он

МВР: Неготинец нападнал малолетник во сендвичарница, исчезнал болен маж од Кавадарци

Горан Наумовски