Претставници од прекуграничните општини Ресен, Пустец и Корча денеска во општинската зграда во Ресен присуствуваа на трибина за прекугранично управување со отпадот.
На трибината беше направен увид во состојбите со управувањето на отпадот и беа иницирани соработки пред се во насока на заедничко аплицирање на проекти пред странски донатори.
– Иако состојбата со управување во трите општини не е подеднаква, сепак постојат заеднички полиња на соработка во унапредување на системот на управување со отпад, посебно во делот на трансфер на знаења и добри практики. Заедничките напори кои општините во прекуграничниот регион преспа ги прават за управување со отпадот, покрај обезбедување на здрав животна средина, треба да овозможат и искористување на отпадот како суровина во компостирањето и во други рециклажни процеси, истакна градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски.
Беше посетена и компостарата со која управува ЈКП Пролетер во која се одвива процес кој води кон преработка на отпадот во насока на негово повторно искористување.
Трибината беше организирана преку програмата „Луѓе за Луѓе“ во организација на SWG – Постојаната работна група за регионален рурален развој и општините Ресен, Корча и Пустец.