Демократскиот сојуз денеска на трибина во Кочани ја презентираше предлог-изборната програма „Промени, правда и прогрес”.
Претседателот на партијата Павле Трајанов изјави дека се потребни суштински и коренити реформи за да се создадат услови за кредибилни избори.
– Мора да се реформира правосудниот систем, да се етаблира систем за одговорност на функционерите кои го кршат Уставот и на криминален начин стекнуваат капитал, да се отворат перспективи за младите да не бегаат во странство, а условите за инвестиции да бидат исти за домашните и странските компании, рече Трајанов.
Тој повика Специјалното јавно обвинителство да работи професионално и законито. – Сите одлуки да бидат поткрепени со цврсти докази, како и транспарентно, како силна брана од обидите за негова блокада и дисквалификација, додаде Трајанов.