Комисијата за верификација на факти на денешната седница прогласи уште три лица за соработници со тајните служби од идеолошко-политички причини.
Како што информираат од Комисијата за лустрација, едното лице било поранешен директор на централното основно училиште во селото Зајас и работело под псевдонимот „Љубен“. Уште како студент ова лице давало информации во Приштина за студенти – учесници на косовските демонстрации од идеолошко – политички и партиски причини. Зад него, посочуваат од Комисијата, има повеќе од 30 документи со кои недвосмислено се потврдува соработката.
Комисијата донесе решение со кое е потврдена соработката на поранешниот генерален конзул во Торонто, Канада, кој од идеолошко-политички причини соработувал со тајните служби и доставувал информација за македонската дијаспора и македонските организации во Канада и Америка.
Третото лице е поранешен секретар на ШИК „Струмица“ кој давал информации за припадниците за македонската емиграција во Бразил. Писмата што тој ги добивал од свои блиски роднини им ги предавал на тајните служби.
Сите три лица, прогласени за соработници на тајните служби, се живи и во рок од три дена на веб-страницата на Комисијата ќе бидат објавени документите со кои се потврдува нивната одлука.