Повеќе од 100 геолози и експерти од Македонија и пошироко од денеска до недела во Струга ќе разговараат за геологијата и општеството, фундаметалната геологија и геологијата и економијата во рамки на Третиот конгрес на геолозите.
Целта на конгресот, според државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање и претседател на Организацискиот одбор Соња Лепиткова, е да се покаже дека геологијата и сите сродни области не треба да се гледаат во рамки на еден простор и една држава, туку како нешто многу пошироко за што е потребна регионална и трансконтинентална соработка.
Геолозите во Република Македонија, нагласи, беа едни од креаторите и двигателите на развојот на државата.
– Изминатите четири години геолозите учествуваа во градбата на повеќе важни инфраструктурни објекти, брани, патишта, истражување во делот на подземните води, нови рудници, кои придонесуваат за развој на државата, рече Лепиткова.
Потсети на истражувањата во повеќе рудни наоѓалишта во последните години и отворањето нови рудници, со надеж дека во иднина перспективите во рударството ќе бидат уште поголеми.
Претседателот на Македонското геолошко друштво и ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Блажо Боев смета дека рударството е значајно во генерирање нови работни места и вработување на граѓаните.