Трет дијалог во рамките на „Жан Моне“: Измените на Деловникот остануваат за наредниот парламентарен состав

Од:

Трета, последна средба за овој парламентарен состав, во рамките на процесот „Жан Моне“ ќе се одржи денеска попладне и утре во Собранието. Процесот „Жан Моне“ е алатка на Европскиот парламент во областа на парламентарната медијација и поддршка на демократијата во ЕУ и на оваа средба ќе учествуваат актуелниот известувач на Европскиот парламент за земјава Илхан Ќучук и европратениците Андреас Шиедер и Марион Валсман. Во фокусот на разговорите ќе биде собранискиот Деловник.

Европратениците ќе имаат и средба со лидерите на политичките партии на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДПА Мендух Тачи, на ДУИ Али Ахмети, на АА Зијадин Села, лидерот на БЕСА Биљал Касами и на Алтернатива Африм Гаши, на која еврамбасадорот Самуел Жбогар ќе ја презентира новата методологија за проширување на ЕУ. Пред официјалниот почеток на разговорите претседателот на Собранието Талат Џафери и тројцата пратеници ќе се сретнат со лидерите на Младинскиот сојуз Крушево и Младинскиот сојуз УНЕСКО од Солун, Методија Стојчески и Бабис Папајоану, организаторите на младинскиот културен настан во рамките на Преспанскиот договор.

Џафери вчера на средба со новинарите кажа дека очекува напредок за спорните прашања со опозицијата, но не и дека очекува да биде постигнат договор. Речиси со идентичен став беше и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој нема големи очекувања

Џафери информира дека се спорни прашањата за промена на името на државата во Деловникот, начинот на избор на генералниот секретар на Собранието, а исто така се бара двотретинско мнозинство за гласање на потребата за донесување на законите по скратена постапка, а ќе се разговара и за календар за работа на Собранието. За двотретинско мнозинство за законите по скратена постапка, Џафери вели дека е спорно и неуставно, но исто така дека кај нас е проблем воспоставување календар за работа на Парламентот од повеќе причини, но најважното е дека нашето Собрание е во постојано заседание.

Пратеникот Димовски изјави дека нема големи очекувања од средбата и оти за време на процесот што трае две години немало никаква подготвеност од страна на владејачкото мнозинство да прифати предлози од опозицијата што ќе значат поефикасен Парламент.

– Немам чувство дека сега на крајот на мандатот ќе може нешто да се промени од тој аспект. Овој парламент е практично во момент на згаснување и немам големи очекувања, изјави Димовски.

На средбата, според пратеникот на опозицијата, може да бидат реафирмирани ставовите во врска со независноста на Собранието.

– Остануваат уште многу битни сегменти – независноста во обезбедувањето, независноста во функционирањето на Буџетот во Собранието, но околу Деловникот немам чувство дека може нешто посериозно да се случи, рече Димовски.

Факт е исто така додава тој, и оти има усогласени работи околу тоа дека Конститутивната седница на Парламентот треба да е дефинирана многу попрецизно.

Средбата ќе заврши со прес-конференција на тројцата европратеници и Џафери на која тие ќе информираат за заклучоците и исходот од средбата.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште