Поради силното невреме што се случи во неделата по полноќ, оштетен е железничкиот СТА кабел на пругата Велес – Згрополци после мостот кај Канатларци и веќе трет ден не функционираат пет автоматски сигнални рампи на пругата, од кои најголемиот дел се поставени низ Велес.
За тоа најмногу реагираат велешани бидејќи возот поминува свирејќи и со дигната рампа и велат дека со тоа е загрозена нивната безбедност.
Од ЈП МЖ Инфраструктура информираат дека нивни екипи интензивно работат на отстранување на дефектот и дека рампите најдоцна до утре попладне повторно ќе бидат пуштени во функција.
Васил Алтанџиев раководител на сектор ЕТП при ЈП МЖ Инфраструктура, по настанатиот дефект од невремето нивни екипи веднаш излегле на терен, но поради голема вода на пругата не можеле веднаш да интервенираат.
-Од вчера нашите екипи се на терен со механизација и работат на отстранување на дефектот, а за што е ископан и ров од 100 метри. По направените подготовки денеска нашите екипи веќе работат на поставување на нов кабел од 120 метри кој ќе се поврзе со стариот кабел на овој дел од пругата, појасни Алтанџиев.
Тој информира дека често се случува оштетување на овие кабли на пругата поради невреме или кражби, а поради што потоа се во прекин сигналните рампи на пругата.
Тој појаснува дека МЖ Инфраструктура ги задолжува машиновозачите на возовите во вакви случаи на нефункционирање на автоматските рампи тие да ја обезбедат безбедноста на премините со претходно звучно сигнализарање на возот и излегување на машинвозачот од возот кај премените и предупредување на возачите и минувачите а кои сакаат да ја преминат пругата на овие премини.